На денешен ден пред 60 години, од печатницата на тогашниот НИП „Нова Македонија“, излезе првиот вечерен дневен весник „Вечер“.

На 11 ноември 1963 година група од триесетина ентузијасти храбро зачекорија во предизвикот, создавајќи весник на генерации, хроничар на едно шестдецениско време кое ќе остане трајно запаметено на овие страници. Првиот број на „Вечер“ беше отпечатен на 16 страници – половичен формат од стандардниот формат на „Нова Македонија“. Во првиот број на „Вечер“ беа објавени 82 текстови и 31 фотографија.

Основоположници на новиот весник беа: Панче Михајлов, Јордан Ивановски, Милчо Коцев, Борис Поп Ѓорчев, Мирко Миронски, Славко Маринковиќ и Цветан Станоевски. Нивната мисија во изминатите 60 години ја продолжија стотици новинари, форорепортери и соработници кои со својот потенцијал го градеа имиџот на „Вечер“. Таа традиција, како што вели денешниот редакциски колегиум, не се прекинува. Велат, „Вечер“ останува весник на сите вас и на сите нас. Слободен и со сопствен идентитет.

– Единствен и препознатлив по својот стил, се бори со предизвиците и успева да опстои и во овие тешки денови, тешки години за традиционалните медиуми. Весник, кој овие долги шест децении постоење покажа дека е појак од забот на времето. Весник кој успева и натаму да ја чува традицијата, еден од најстарите весници во Македонија, хроничар на сите настани во земјава и светот, весник на кој читателите му веруваат, наведуваат од „Вечер“.

-60 години во медиумскиот ринг, борба за професионално известување, за вистината. Весник кој во својот развој газеше сигурно до целта – да се освои довербата на читателот. А довербата се гради макотрпно и на долги стази… Таа патека ја изодевме, низ денови, месеци, години, децении и продолжуваме да ја газиме, професионално, одлучно и во интерес на нашите верни читатели. Тоа е чест, тоа е привилегија, но пред сè , тоа е голема одговорност! 60 години работа во континуитет, без прекин во медиумскиот простор е преседан кога се во прашање весниците во Македонија. Вистински сведок на минати времиња и богатство на идните поколенија, напиша во роденденското обраќање главната и одговорна уредничка на весникот „Вечер“ Весна Миќиќ Божиновска, која исто така бележи личен јубилеј. Нејзината новинарската кариера од студентски денови почнала во весникот „Вечер“ и непрекинато, во континуитет трае и натаму токму во овој медиум.

Следејќи го технолошкиот развој во медиумскиот простор, „Вечер“ има и свое онлајн издание. Сајтот на весникот „Вечер“, vecer.press важи за еден од најпосетуваните со висока доверба кај читателите. „Вечер“ го има и на Facebook и Instagram.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.