ВМРО-ДПМНЕ не е пријател на градежната мафија и никогаш нема да биде сојузник на бизнисмени кои сакаат да профитираат на грбот на народот и на животната средина. Ова е реакцијата на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата За обнова на Македонија во Советот на Општина Карпош, откако градоначалникот Стевчо Јакимовски на прес конференција објави дека ја прекинува коалицијата со оваа партија поради, како што рече, опструкции, подметнувања, навреди, притисоци, па дури и рекет и закани кон стопанственици

Советникот Роберт Вељановски истакна дека прес – конференцијата на градоначалникот Стевче Јакимовски е реакција на цврстите заложби на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата по ниедна цена да не се дозволи понатамошна бетонизација на Карпош на штета на зелениот простор во Општината.

Несогласувањата на оваа тема се од првиот ден од преземањето на функцијата градоначалник на Општина Карпош. Господинот Стевчо Јакимовски наместо да се сврти кон граѓаните, нивните потреби и барања за почист Карпош, со повеќе зелени површини и содржини за рекреација, тој одбра да продолжи по стапките на Стефан Богоев.

Советниците на ВМРО-ДПМНЕ не одобрија неколку обиди на Јакимовски за вцртување на згради на различни локации низ Карпош, кои освен за интересот на бизнисот не му служат никому. Јакимовски и покрај нашите бројни апели за прекин на бетонизацијата продолжува со намерите да штанца градежни дозволи.

Јакимовски и денес сакаше да помине нов ДУП со 7 нови згради во Злокуќани, како и претходните негови обиди за усвојување на ДУП-ови со нови згради, така и за овој Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не даде поддршка на планот и на денешната седница истиот не беше усвоен, рече Велјановски.

Велјановски истакана дека принципиелните заложби на ВМРО-ДПМНЕ пред изборите и ветувањата пред граѓаните се нивна единствена водилка и приоритети кон кои тие се стремат.

Жал ни е што во овие наши заложби градоначалникот не се препозна, ниту пак ни се придружи. Разликата е јасна. Од една страна ние со заложбата за хумана урбанизација и зелен Карпош, од друга страна Јакимовски со неговите заложби за продолжување на бетонизација, рече Велјановски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.