Непознати сторители на јужните падини на Водно кај месноста Краста од несватливи причини ја искршиле, а потоа ја запалиле таблата на која пишуваше „Ѓубрето во планините не се чисти само! Понеси го дома”.

Скопските Бадникари беа непријатно изненадени и секако огорчени поради постапката на непознатите сторители, соопштија од Одборот за традиционална прослава на Бадник.

Причините за ваквата вандалска постапка, посочуваат од Одборот, се несфатливи и предизвикуваат гнев и неверување кај Бадникарите, кои уживаат неподелени симпатии и поддршка од своите сограѓани за скоро 30-годишната успешна активност, кои на Краста во пресрет на Божик ги берат бадниковите гранчиња и им ги делат бесплатно на скопјани на собир пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски” со безброј придружни манифестации кои станаа скопска традиција.

На спорната табла стоеше порака со еколошка содржина-не фрлајте отпадоци и чувајте ја околината, за која пристигнуваа пофалби и симпатии. Бадникарите се зачетници и чувари на традициите на саканиот град, хуманитарци и екологисти и не заслужуваат ваква долна и гнасна реакција на непознатите престапници! За овој вандалски чин ќе поднесеме соодветна пријава до институциите на системот до непознат сторител, информираат од Одбор за традиционална прослава на Бадник.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.