Општина Карпош од денеска започна акција за субвенционирање за поправка и санација на постоечки лифтови и поставување на нови лифтови на станбени згради за колективно домување на своја територија. Општината за таа намена обезбеди четири милиони денари од својот буџет, известуваат од локалната самоуправа.

-По тој повод, Општината објави Јавен повик кој ги содржи Правилникот за условите, критериумите, видот и начинот на финансиска поддршка. Субвенциите ќе се доделуваат по принципот прв дојден – прв услужен, се до исцрпување на средствата. Висината на субвенциите ќе изнесува најмногу до 50 отсто, но не повеќе од 500.000 денари од вкупниот износ на вредноста за поправка и/или санација на постоечкиот лифт или поставување на нов лифт, соопштуваат од Општина Карпош.

Притоа, процесот ќе содржи услови и критериуми за субвенционирање и категоризација на згради. Имено, потенцијалните корисници на субвенцијата треба во целост да ги исполнат општите услови според кои треба да се регистрирани како заедници на сопственици или пак со заедницата да управува правно лице – Управител.

-Тие треба да достават и имотен лист, не постар од шест месеци, со кој се докажува сопственоста на станот. Како кусо појаснување – потребно е да се достави имотен лист за секој стан засебно, со кој ќе се потврди сопственоста на апликантите, најмалку 50 отсто плус еден сопственик од сите станари во зградата, велат од општината.

Како посебни услови кои треба да бидат целосно исполнети од страна на потенцијалните корисници на субвенции од овој вид, се вбројуваат предиспозициите дека станбените згради треба да бидат постари од 25 години и доказот за староста на објектот да биде потврден со Изјава на нотар или со достава на купопродажен договор за стан.

-Заедницата на сопственици треба да достави и доказ дека има отворено сметка за резервен фонд, да има донесено одлука за избор на најповолна понуда за изведувач и за надзор на изведба за поправка и санација на постоечки или поставување на нов лифт, посочуваат од локалната самоуправа.

Процесот на евалуација на пристигнатите апликации ќе го утврдува 11 члена Комисија, која ќе врши увид во соодветноста на пристигнатата документација, по што ќе доставува и извештај за својата работа до градоначалникот на Општина Карпош. Листата на потенцијалните корисници на субвенции ќе биде објавена на веб страницата на Општина Карпош и на огласната табла на Општината.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.