Скопјани пијат чиста вода. Последните испитувања направен од Секторот за санитарна контрола во периодот 14 март до 18 март на 195 примероци за физичко-хемиска и 195 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 44 мерни места во град Скопје покажуваат дека тие одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење.

Емилија Аневска

Вчера Македонија го одбележа Светскиот ден на водата.

-Во подножјето на Жеден Планина се наоѓа изворот Рашче. Овој извор е со капацитет од 2 до 5 метри кубни вода во секунда. Ваквата вода доаѓа од Полошката Котилна од каде со понирање од подземјето стига до Скопската котлина и извира преку изворот Рашче. Оваа вода е главен извор за водоснабдување на град Скопје повеќе од 100 години и неговата заштита е од национален карактер. Квалитетот и безбедноста на водата за пиење од овој извор се гарантира преку земање на примероци кои се испитуваат во хемиската и микробиолошката лабораторија при ЈП Водовод и канализација – Скопје кои се акредитирани лаборатории за изведување ваков тип анализи. Водата е природно богатство. Количините од овој ресур се ограничени, а знаеме дека човекот и животинскиот и растителиот свет, без вода не можат да опстанат. Затоа е потребно правилно користење на природните ресурси и нивна соодветна заштита – вели Емилија Аневска, раководител на Центарот за санитарна контрола во Јп Водовод и канализација – Скопје.

Златко Перински

На Светскиот ден на водата, директорот на ЈП Водовод и канализација – Скопје, Златко Перински посочи дека подземната вода е од огромно и непроценливо значење за Скопје.

„Повеќе од 100 години, невидливото го правиме видливо. Подземната вода, за нас како претпријатие, за нас како граѓани на град Скопје е од огромно и непроценливо значење. Секоја наша активност е во насока на зачувавање, токму на ова природно богатство, негова заштита од сите фактори кои може да делуваат негативно, негова рационализација во употребата, одржливост и изнаоѓање алтернативни извори на водоснабдување, како одговор на брзиот раст на градот, урбанизацијата и секако климатските промени“ – истакна Златко Перински, директор на ЈП Водовод и канализација – Скопје по повод светскиот ден на водата.

Перински додаде дека со слоганот водата е живот, квалитет кој трае, се испраќа порака за важноста на ресурсот, кој е од непроценливо значење за скопјани, како и дека ЈП Водовод и канализација – Скопје останува посветено во обезбедување на квалитетна вода, истакнувајќи дека од сите нас зависи, колку ќе го зачуваме.

Периодов се спроведува едукативно информативната кампања иницирана од Здружението за Третман на води и Отпадни води на Македонија ЗТВ-МК и Друштвото за геотехника на Македонија при Градежниот факултет – Скопје, а со цел одбележување на Светскиот ден на водата 2022 под мотото „Подземни води – невидливото станува видливо“. Кампањата која освен од ЈП Водовод и канализација – Скопје, беше поддржана од ЕУ Делегацијата, Министерството за животна средина, Амбасадата на Швајцарија, Амбасадата на Сојузна Република Германија, Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), Европската Асоцијација за води и „5+ Фамилија“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.