Социјалдемократскиот сојуз денеска го обвини градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, дека работел незаконски.

Повикувајќи се на документи и докази објавени од „свиркачи“, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, рече дека спротивно на законот, градоначалникот на општина Гази Баба, го назначил Добри Петров, лице без лиценца за ревизор и без положен испит.

„Станува збор за Добри Петров, назначен за вд директор на Јавното комунално претпријатие Гази Баба. Листата на овластени ревизори е лесно достапна на веб страната на Институтот за овластени ревизори, и јасно е дека Добри Петров нема положен испит за внатрешен ревизор и нема лиценца. Со ова прекршен е Член 36 од Законот за јавна внатрешна финансиска контрола. Но, не и последено. Неовластеното лице кое било незаконски избрано за ревизор, бил исто така незаконски задолжен да изврши ревизија на работата на детската градинка „Детска Радост“, рече Кузеска.

Таа вели дека со оглед на тоа што документот го правело неовластено лице, по налог на градоначалникот, злоупотребена е службената положба и овластување.

„Понатаму, лицето кое без лиценца ја вршело ревизијата, ревизорскиот извештај, наместо согласно Законот да го достави прво кај директорката на градинката го доставил кај градоначалникот. Врз основа на овој незаконски Извештај директорката на градинката е разрешена. Очигледно целта на целата оваа незаконска операција била заради разрешување на директорката на градинката „Детска Радост““, додаде портпаролката на СДСМ.

И по 120 дена ниту еден градоначалник на СДСМ и ДУИ не излегоа со отчет за сработеното, вели ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата на прес конференцијата на Богданка Кузеска.

„Наместо тоа СДСМ денес најави скандал, а во реалноста не видовме ниту жижалица, а не пак петарда или бомба. Видовме како СДСМ жали што на законит начин е сменет некадарен партиски директор на градинка од овластен ревизор.

По теркот на тоа што сме навикнати од СДСМ денес не видовме како некој договара бизнис од 200 илјади евра како што тоа пред камера го правеше лидерот на СДСМ Зоран Заев, евро за него евро за вицето. Не видовме ниту грабање на туце пари како што тоа го направи директорот на власта Ден Дончев кој го пуштија да избега. Не видовме ниту договарање и продажба на софтвер сам на себе како тоа што го правеше Рашкоски.

Видовме бајат случај, каде СДСМ се жали што е сменет директор нивен партиски кадар кој несовесно си ја работел работата. Истиот тој ревизор за кој СДСМ вели дека е спорен бил претходно ангажиран од нивниот градоначалник Борче Горгиевски за кого исто така правел ревизија. Притоа СДСМ жали за тоа што е сменет нивен партиски кадар од позицијата директор, а не ги кажува прекршувањата на правилата, престапите и злоупотребите што биле правени од истиот тој директор.

Ова не е ништо другу туку дефокус од актуелните скандали за претходниот кадар на СДСМ и градоначалник на Гази Баба, Борче Горгиевски против кого има повеќе активни истраги и кривични пријави, и за кого и државната Антикорупциска комисија побара да се поведе кривична одговорност за изградбата на парцелата на Електроелемент.

Главната болка е што за само 100 дена општината Гази Баба и градоначалникот Боби Стефковски отпочна низа капитални проекти, и реализира значајни градежни зафати со кои решава децениски проблеми за граѓаните на Гази Баба. Тоа нема да ги поколеба градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ и покрај силните опструкции од Централната власт да престанат да работат. Промените започнаа, и тие ќе донесат иднина“, се додава во реакцијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.