Градоначалникот Тимчо Муцунски заедно со директорот на ООУ ,,Ѓорѓија Пулевски” Марјан Јовановски официјално го пуштија во употреба на целосно реконструираниот спортско-рекреативен полигон во дворот на основното училиште.

Настанот го отвори директорот на училиштето кој додели благодарници на донаторот, партнерите и градоначалникот, а истовремено ги претстави и новите содржини во кои можат да уживаат учениците, но и сите жители на Аеродром.

На полигонот кој е еден од ретките во градот со едукативен карактер, беа поставени десетици нови сообраќајни знаци, хоризонтална сигнализација, како и хортикултурно уредување на целиот простор. На застареното фудбалско игралиште е поставен нов асфалт, додека пак игралиштето за кошарка доби нова подлога. Со ова, значајно се разубави нашиот училишен двор кој го користат стотици ученици и граѓани за спорт и рекреација, а се надеваме дека тоа ќе продолжи и во иднина, изјави директорот Јовановски.

Градоначалникот Тимчо Муцунски ги поздрави сите партнери кои се вклучија во активната реализација на овој проект и ја повтори заложбата на Општина Аеродром за инвестиции во најмладите. Тој ја потенцираше реализацијата на проектот „Велодром“, што значи целосно осовременување на велосипедските патеки низ општината, со што се поттикнува спортот и здравите навики, а истовремено се дава можност за едукација на најмладите.

Осовременување на условите во образванието, спортската и рекреативната инфраструктура се меѓу врвните приоритети на општината. Жителите на Аеродром добија едно современо катче каде ќе можат да спортуваат, а најмладите можат да ги учат сообраќајните правила, со што ќе се унапреди воспитно-образовниот процес на учениците и велосипедистите, запознавањето со сообраќајните правила и прописи, а сè со цел зголемување на нивната безбедност во сообраќајот. Истовремено, овој проект е од огромно значење во исполнување на нашето ветување за „Велодром“, со што се поттикнува користење на алтернативни средства за превоз, кое понатаму придонесува до зачувување на животната средина и здрав, активен начин на живот, изјави градоначалникот Муцунски.

Во рамките на проектот „Здрави навики за здрава околина“, спроведен од Центарот за истражување и креирање политики (ЦРПМ) и финансиран од Шведска преку Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), беа набавени и обезбедени 10 велосипеди кои беа донирани за потребите на учениците од „Ѓорѓија Пулевски“.

Поттикнати од долгогодишниот проблем со загадувањето на воздухот во Град Скопје, Центарот за истражување и креирање политики го реализираше овој проект. Проектот придонесува за идно мобилизирање на жителите на Аеродром за поголема физичка активност, а со тоа и менување на животните навики на граѓаните. Затоа, тука денеска ја заокружуваме оваа иницијатива со донација на 10 велосипеди за најголемиот велодром во Град Скопје, со што сме сигурни дека најмладите ќе изградат здрави животни навики, изјави Маја Варошлија од ЦРПМ.

Реконструкцијата се изврши со донација од општествено-одговорната компанија „ТОП БИЛД ДООЕЛ експорт – импорт Скопје“. За оваа намена се издвоија повеќе од 7 милиони денари.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.