Центар за талентирани ученици се отвора денеска во ОУ „ Димитар Миладинов“ во општина Центар. Станува збор за меѓуопштинска соработка меѓу Центар, Карпош и Кисела Вода.
Центарот располага со површина од 120 м2 и вклучува три посебни простории и тоалет, опрема за планетариум и физика, биохемиска лабораторија и лабораторија за уметности. Просторот е со посебен влез, физички одвоен од влезот во училиштето. Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека оваа меѓуопштинска соработка може да биде корисна и перспективна за талентираните ученици од трите општини.
Покрај социјално-инклузивните, инфраструктурните, еколошките проекти, од големо значење е инвестицијата во талентираните деца кои се нашата иднина и на кои треба да им обезбедиме услови за напредок и развој за да и возвратат со интелект, вештини и просперитет на нашата земја, за да ги задржиме во Македонија да не се одлеат како кадрова сила, туку да ги мотивираме да станат движечка општествена сила, која е рамо до рамо со светските таленти.
Овој проект освен што е иновативен, има регионален карактер бидејќи обединува три општини, Центар, Кисела Вода и Карпош, истовремено е и инклузивен затоа што талентирани се е и децата од социјално загрозени семејства кои треба да имаат рамноправна шанса за надградба, стимул и развој на својот талент, вели Јане Мицевски, директорот на Центарот за развој на Скопски плански регион.
Проектот е спроведен преку програмата за рамномерен регионален развој БРР/МЛС, а неговата реализација се одвиваше во три фази:
– Изработена е проектна документација
– Направена е целосна реконструкција на објектот
– Набавена стока за опрема на кабинети
Вкупната вредност на проектот за трите фази изнесува 5.526.318 мкд. Од кои со сопствено учество учествуваат трите општини партнери во проектот (Центар, Карпош и К.Вода) во вкупен износ од 600.000,00 мкд (по 200.000,00 мкд од општина).
Опремени се кабинети по следните наставни предмети: биологија, хемија, уметност, музичко, физика со висококвалитетна опрема и канцелариски материјали.
Општа цел на овој проект е подобрување на квалитетот на образованието преку поддршка на талентираните деца за да го достигнат својот потенцијал на едукативно и социјално ниво преку обезбедување релевантни и интересни предизвици засновани на способност и интерес на учениците. Посакуваме успешни генерации на идни врвни биолози, хемичари, музички виртуози, научници, да бидат гордост на Република Македонија, вели Мицевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.