Скопските општини да донесат одлука со која од инвеститорите ќе се бара на парцелите за новите објекти да предвидат задолжителен паркинг за велосипеди. Доколку нема предвидено ваков паркинг, тогаш да не издаваат дозвола за градба.

Ваков предлог до општините во Градот Скопје испратила градоначалничката Данела Арсовска, а со цел, како што вели, да се стимулира употребата на еколошки превоз, да се намали сообраќајниот метеж и загадувањето на воздухот.

„Одлука која би се донела на општинско ниво е важна со цел инвеститорите на нови станбени и деловни објекти во рамки на градежната парцелата да предвидат и соодветни паркинг простори за велосипеди. Со ваква одлука со која би се задолжиле инвеститорите кои поднесуваат барање согласно Законот за градење да обезбедат паркинзи за велосипеди секаде каде има простор и можност за истите да се постават, значително ќе се придонесе за подобрување на инфраструктурата и стимулирање на зголемено користење на велосипедите“, вели Арсовска додавајќи дека со одлуката би се наложил и минималниот број на паркинг места што ќе треба да ги обезбедат велосипедистите.

Исто така, таа предлага со евентуалната одлука што би ја донеле скопските општини, да се предвиди дека паркинзите ќе бидат заштите од кражба и атмосферски влијание.

Покрај за новите, Арсовска предлага општините да побараат и од веќе изградените станбени и деловни згради, да се изградат вакви паркинг-места.

„Се препорачува со одлука на советот на секоја од општините да се предвиди, за веќе изградените станбени и деловни објекти да ја уредат и усогласат инфраструктурата и опремата за паркинг за велосипеди во соодветен рок утврден со донесената одлука“, вели градоначалничката.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.