Од понеделник Општина Кисела Вoда започнува со исплата на субвенциите за печки на пелети. Финансискиот надоместок за кој во изминатиот период аплицираа граѓаните што набавија вакви печки e во рамки на Програмата за енегетска ефикасност на општината.
Проектот има за цел стимулирање на домаќинствата за користење на обновливи извори на енергија за затоплување, кои минимално ги загадуваат воздухот и почвата и не влијаат врз климатските промени. Воедно, во овој период кога поскапувањата, посебно на енергенсите се на највисоко ниво досега, субвенцијата од Општина Кисела Вода претставува солидна финансиска помош. Истата може да се искористи и за набавка на пелети, чија цена во последниот период е сериозно покачена.
За потсетување, јавниот повик беше објавен во средината на јули и на него можеа да аплицираат сите жители на општината кои од почетокот на годината купиле печка на пелети и до тој момент немаа искористено друга субвенција од ваков карактер. За оваа финансиска поддршка од Буџетот на Општина Кисела Вода се обезбедени финансиски средства во износ од 1.000.000,00 денари, кои се доделуваа по принципот прв дојден, прв услужен.
Ова е само една од многуте мерки кои Општина Кисела Вода ги презема со цел да им помогне на своите жители полесно да го пребродат овој период на финасиска криза. Реализиран е проектот “Ранче за секое прваче” со кој се обезбедени чанта, тетратки и училишен прибор за сите првоодделенци, обезбедена е донација за субвенционирање на сметките за електрична енергија на социјално загрозените семејства, а веќе во наредните денови Кисела Вода излегува и со нов сет мерки за намалување или ублажување на сиромаштијата со која живеат се поголем број на семејства во Македонија, велат од општината.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.