„Независни за Карпош – За заштита на Карпош“ за утре во 5 минути до 12 часот најавуваат протест против изградбата на спорната 17 катница, која треба да „никне“ на просторот позади бензинската пумпа на „Макпетрол“, кај поликлиниката „Букурешт“.
Протестот ќе се одржи на платото пред СЦ „Борис Трајковски“, во близина на раскрсницата на 8ми Септември со Илинденска, дијагонално од ANHOCH.
Од „Независни за Карпош- За заштита на Карпош“ се револтирани дека и покрај според нив спорното позитивно мислење издадено од Конзерваторскиот центар, се подготвува изградбата на висококатницата. Тие велат дека се гневни поради тоа што Општина Карпош крие дека е издадена градежна дозвола, а на оградата на градилиштет веќе е истакнато решението за градење.
Прашуваат: „ Зошто на 30.01.2024 година такво нешто не беше регистрирано во системот на општина Карпош? Проверивме кај вработената која ни кажа дека стои – прекинета постапка“.
Сметаат дека тоа се криело за да може лесно да помине правосилноста.
Нашето барање за поништување на одлуката сеуште не е одговорено. Останува граѓаните да излезат на улица и да видиме дали само на нас ни пречат згради. Избори се ближат, ние нема да одиме да молиме по врати, ама тие што имаат намера, наместо ветувања нека се покажат на дело, веднаш – реагираат од „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“
Тие ги повикуваат граѓаните да излезат , како шпто велат ако им е доста од владеење на мафијата.
Кој да бил или дојде на власт, мафијата ги влече конците, за свој личен профит се уништува Карпош, се уништи Скопје. Ја докусурија цела држава, ни го одземаа правото на здрав, хуман и достоинствен живот – нагласуваат од „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“.
Поддршка на протестот кој го организираат „ Независни за Карпош – За заштита на Карпош“ даваат и „Зелените на Општина Гази Баба“, „Зелен хуман град“ и „О2 Иницијатива„.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.