Констатациите за оштетувања на конструкцијата на мостот „Беласица“ од пожарот коишто се однесуваат на состојбата на каблите за преднапрегање, а кои се донесени врз база на преглед на мостот со дрон и тоа на помалку загрозените делови на неговата конструкција, без сомнение не можат да бидат основ за носење заклучок дека каблите не се сериозно оштетени, вели проектантот на мостот, Вукан Њагуљ за МИА.
Њагуљ појаснува дека се неопходни испитувања на лице место и дополнителни пресметки. Според него, улогата на средишната плоча на мостот за негово правилно функционирање во ниту еден случај не може да се смета за споредна.
Напротив, со тоа што ги поврзува главните сандачести носачи во една целина таа значително ги намалува влијанијата во нив при несиметричното сообраќајно оптоварување. Ова може да се докаже со соодветна статичка пресметка, онака како што е направено и во Главниот проект – вели Њагуљ.
Мислењето дека мостот е во ред само затоа што во моментот стои и затоа што можеби би издржал некое пробно оптоварување, според Њагуљ, не е во согласност со основните особини на сите градежни материјали.
Тоа конкретно подразбира дека мостот не е сигурен доколку поради пожарот дошло до губиток на силата на преднапрегање и како последица на тоа до пораст на напрегањата на затегнување во бетонот преку границите дефинирани со проектот. Во такви околности мостот наизглед сигурно ќе стои се додека носивоста на бетонот на затегнување поради замор не се намали на ниво кое ќе овозможи појава на статички неконтролирани пукнатини што ќе доведе до загрозување на стабилноста на конструкцијата. Или грубо кажано – мора да се знае зошто мостот стои – појаснува Вукан.
Додава дека би сакал да го види извештајот како човек кој целиот работен век се занимава со мостови, особено како проектакт на мостот „Беласица“.
За жал, немав прилика да го погледнам Извештајот, а како некој кој целиот свој работен век, па и повеќе, се занимава со мостови и особено како проектант на овој мост навистина би сакал да ја имам таа можност – вели меѓу другото Њагуљ, додавајќи дека поради тоа неговите заклучоци се креирани врз основа на информациите објавени во јавноста.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.