Градоначалникот Тимчо Муцунски додели пофалници за најдобрите просветни работници во Општина Аеродром, кои што традиционално ќе се доделуваат секоја година за вработените во основните училишта што постигнале значителни резултати во своето работење.
Изборот на најдобрите просветни работници го направи комисија составена од вработени во општината и претставници на основните училишта. За најдобар одделенски наставник е избрана Светлана Јосифоска од „Лазо Ангеловски“, најдобар предметен наставник е Јасминка Костадиновска, наставник по англиски јазик во „Љубен Лапе“, а најдобар стручен соработник е Татјана Трајковска, педагог во „Димитар Македонски“.
Градоначалникот Муцунски им се заблагодари за придонесот што тие го даваат тие во образовниот процес и во едукацијата на учениците.
Како човек кој е дел од образованиот систем, свесен сум дека да се биде просветен работник во време во кое секојдневно се соочуваме со сериозни образовни предвизвици е голема обврска, но и улога со која треба да бидете навистина горди. Просветните работници и сите вработени во училиштата се оние што секојдневно и макотрпно ги градат идните генерации на Аеродром. Денешните признанија се мал гест, но јас како градоначалник и целиот тим на Општина Аеродром сме благодарни за улогата што вие ја имате во општеството и придонесот што вие го давате во градењето на квалитетен образовен процес, истакна Муцунски.
Општина Аеродром во иднина ќе продолжи да инвестира во инфраструктура и помагала со кои ќе се подигне квалитетот на образовниот процес. Образованието и младите се во фокусот на работата на локалната самоуправа и преку низа политики и мерки ќе продолжиме да ги наградуваме и да ги мотивираме квалитетните наставници, воспитувачи и ученици.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.