Во случајот со паднатиот потпорен ѕид позади Клиниката за детски болести, истиот е изграден на државно земјиште, а Министерството нема прибележано право за трајно користење на тоа земјиште, информираат од Министерството за здравство.

Реакцијата следува откако пред неколку дена, се урна дел од потпорниот ѕид на улицата „Белградска“, веднаш над Клиниката за детски болести во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Секој од објектите во Клиничкиот центар има право на користење на објектите, но нема доделено право на трајно користење на земјиштето околу клиниките. Во интерес на граѓаните, потребно е да се изнајде итно решение во заеднички напори со надлежните институции Градот Скопје и Општина Центар кои треба да бидат иницијатори за решавање на проблемот, поради тоа што се работи за улица, а надлежните инспекциски служби да дадат мислење за моменталната безбедност“, се наведува во соопштението.

Во видео-обраќање, директорот на ЦУК Стојанче Ангелов, изјави дека ЦУК добил неколку пријави дека ѕидот е накосен и во лоша состојба, почнувајќи дури од ноември 2022 година. Според Ангелов, по првите пријави ЦУК веднаш ги известиле надлежните институции, односно Министерството за здравство (МЗ), Град Скопје, Општина Центар, Министерството за внатрешни работи (МВР), за кои мерки може да се преземат за да се осигури безбедноста на граѓаните.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.