Фудбалскиот клуб Аеродром официјално го реотвори новото фудбалско игралиште, кое е лоцирано во непосредна близина на основното училиште „Александар Македонски“ во Ново Лисиче. По девет месеци напорна работа, овој современ фудбалски терен конечно е подготвен да ги прими сите љубители на фудбалот и спортската рекреација. Покрај новото современо игралиште, беше промовирано и новото лого на ФК Аеродром, а беше презентирана и новата маскота на клубот, наречена Дромко. 

Настанот, кој се одржа под слоганот #СекогашСпремни, беше збогатен со присуството на Министерот за спорт, Борко Ристовски и в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, кои со поздравни говори официјално го отворија новото фудбалско игралиште на ФК Аеродром. Официјалниот дел беше пропратен со изведба на химната од нашата позната пејачка Сара Мејс, а за музичка поддршка беше задолжен и DJ МацСлоганот #СекогашСпремни го одразува духот на ФК Аеродром – секогаш подготвени за нови предизвици, спортски победи и заеднички успеси. 

Министерот Ристовски, од името на Министерството за спорт изрази гордост за новиот проект, истакнувајќи ја неговата важност за младите и развојот на спортот во Општина Аеродром.

„Ми претставува огромно задоволство што зaедно ќе го отвориме ова ново фудбалско игралиште, кое не е само спортски терен, туку е простор за развој, дружба и остварување на соништата на многу млади таленти. Ова игралиште е од голема важност за локалната заедница и за нашата иднина, како и за идните млади спортски таленти. Со ова придонесуваме младите да имаат можност да тренираат, да ги развиваат своите способности и да учат во тимска работа и дисциплина.

Јас како министер за спорт, целосно сум посветен на тоа да го поддржиме спортот на локално и на национално ниво.  Овој проект е само еден од многуте кои ќе ја унапредат спортската инфраструктура во нашата земја. Посебно ми е драго што денеска, со отворањето на ова игралиште, правиме важен чекор напред за младите од општина Аеродром и за сите љубители на фудбалот“,изјави Министерот за спорт, Борко Ристовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.