„На ден 16-ти март 2023-та година јавноста беше запознаена со случај каде што се казнува за непрописно паркирање лице со попреченост кој го посетувал градот Скопје од некои другите градови во Република Македонија и се паркирал на местото означено за лице со попреченост, а притоа имал уредно платено надоместок за паркирање. И истото ова лице е казнето. По овој случај кој што стана визибилен, со кој што јавноста се запозна, се јавија уште многу други вакви лица на кои што исто им се случува во блиско минато, кои исто така си имале платено надоместок, но добиле казна“, појасни Марија Андоновска, советник во Советот на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница.
Андоновска додаде тргнувајќи од тоа на 17-ти март поточно следниот ден советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата поднесе иницијатива до Градот Скопје, на градоначалникот и сите советнички групи за изменување на програмата за повластено користење на паркинг услуга на јавните паркиралишта и површини наменети за паркирање со кои стопанисува ЈП „Градски паркинг“ – Скопје од страна на лица со попреченост за 2023-та година.
„Со оваа наша иницијатива сакаме да помогнеме, да дадеме сопствен придонес и се надевам дека ќе добиеме поддршка и од останатите советници бидејќи се работи за еден навистина проблем со кој што мачи една поголема категорија на граѓани. Нема да предизвика било какви поголеми финансиски импликации, но за нив е навистина многу важно ова што се случува“, рече Андоновска.
Таа нагласи дека со оваа иницијатива ЈП „Градски паркинг“ се задолжува да обезбеди можност за паркирање на лица со попреченост под исти услови независно од нивното место за живеење и да ја прошири воедно и листата на дијагнози на лица со попреченост кои се сметаат за прифатени при стекнување на правото на повластено користење.
„Како заклучок предлагаме да се задолжи ЈП „Градски паркинг“ – Скопје најдоцна за седум работни дена да изготви и донесе измени на програма за повластено користење на паркинг услуга на јавните паркиралишта и површини наменети за паркирање со кои стопанисува ЈП „Градски паркинг“ – Скопје од страна на лица со попреченост за 2023-та година до Советот на Град Скопје во насока на обезбедување на можност за паркирање на лица со попреченост под исти услови независно од нивното место на живеење и проширување на листата на дијагнози“, укажа Андоновска.
Таа посочи дека истата оваа промена „Градски паркинг“ да ја достави до Советот на Град Скопје за давање на согласност на истата и сето тоа да го направи во рок од седум дена.
„Како град на солидарноста, но и град кој претставува административно економски центар на државата, примарно Град Скопје да обезбеди на лицата со попреченост во сите градови во државата под исти услови да ги користат специјално наменетите места за вакви лица на јавните паркиралишта. Од тие причини бараме сите советници да дадат поддршка за оваа иницијатива која што ја поднесуваме“, побара Андоновска.
„Би сакала да ја искористам приликата да напоменам дека додека ваквите лица неправедно се казнуваат, а од друга страна возилата на Град Скопје се паркираат на места за лица со попреченост. Гледаме дека само неколку дена после овој случај на 16-ти, возила на Град Скопје паркирани на места за лица со попреченост. Дали се казнија овие возила? Зошто овие возила се паркирале на овие места“, запраша Андоновска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.