Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, најави дека Општината низ целата територија ќе добие ново, модерно лед осветлување.

Тој рече дека по помината една година од неговиот мандат, во Општината се реализирале многу проекти, се реконструирале улици, се граделе паркови, спортско-рекреативни комплекси и игралишта. Но, како голем проблем, вели Костовски, е енергетската криза и електричната енергија.

Екстремно високите сметки за електрична енергија кои пристигаат и покрај тоа што општината презема мерки за штедење земаат огромен процент од општинскиот буџет кој наместо да се инвестира во нови проекти сега се покриваат долговите и сметките за електрична енергија. Сметките за електрична енергија се четири и пол пати до пет пати поголеми во однос на оние што сме ги имале претходните години во исто време, односно во 2021 и во 2020 година. Но, за жал, сега само во неколку месеци годинава сме потрошиле повеќе пари за електрична енергија – напиша Костовски на официјалната Фејсбук страница.

Тој најави дека покрај штедењето, Општината ќе преземе дополнителни мерки.

Општина Бутел е една од најпогодените општини пред се поради дотраената и стара исталациона мрежа, стар тип на улични светилки кои трошат енормно многу. Овој сериозно важен процес требало некој до сега да го реши, но како и за многу други заборавени работи така и за оваа ќе ја решиме јас и мојот тим. Забрзано во соработка со врвни професори од најзасегнатите државни факултети, факултетот за електротехника и машинскиот факултет, ќе се изработи квалитетна и прецизна физибилити студија која ќе овозможи во најбрз временски рок да се пристапи кон промена на уличното осветлување и поставување на ново модерно и штедливо лед осветлување низ цела територија на општина Бутел. Ги замолувам граѓаните на општина Бутел за разбирање, ги разбирам нивните потреби, но ова сепак е една вонредна и исклучително тешка енергетска криза со која мораме да се справуваме. Работиме на трајно и квалитетно решавање на овој проблем. Да бидеме трпеливи и за кус период пред секој дом ќе има модерно лед осветлување, порача Костовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.