Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на денешниот брифинг со новинарите информираше дека Универзална сала се уште е под Град Скопје, затоа што немаат потпишано договор за примопредавање ниту на ингеренциите за реконструкција, ниту на проектната документација. Како што рече, истата е во опасност дека може да падне со оглед на тоа што долго време е отворена.

Како што најави, утре претставници на Министерството за култура ќе имаат состанок со претставниците од Градот и се надева на некакво поместување.

Министерството за култура до ден денес нема добиено никаков договор за потпишување дека ингеренциите за реконструкција се префрлаат кај нас. Постои само една одлука на Совет која што ја изгласаа советниците и толку. Од тогаш, со службите во Град Скопје се обидувавме да комуницираме, но немавме никаков одговор. Пред два дена правниот сектор во Министерството за култура направи договор за примопредавање на ингеренциите за реконструкција на Универзална сала и го прати до Градот.  И денеска добивме одговор дека утре ќе имаме состанок со нивниот сектор и се надевам дека ќе има некое поместување, рече Костадиновска Стојчевска.

Таа посочи дека не може да направи никаков акциски план се дури нема вистински увид на Универзалната сала. Како што посочи, во јуни добила известување од ИЗИС дека Универзална сала веќе е во опасност дека може да падне.

Во јуни месец годинава добив две известувања од ИЗИС дека Универзална сала веќе е во опасност дека може да падне. Многу долго е отворена, а следува време на зима, на дождови, на ветрови и на снегови и мора да се затвори. Затоа, јас неколку пати се јавував, апелирав и на последната прес-конференција, градоначалничката Арсовска рече дека службите го подготвуваат процесот. Но, Универзална сала уште е на Град Скопје. Тоа е децентрализирана установа на Градот, рече Костадиновска Стојчевска на брифингот.

Како што потсети, Универзалната сала е и носител на проектот на Европска престолнина за култура за 2028.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.