Општина Кисела Вода го објави Меѓународниот конурс за идејно решение за Расадник, прв Меѓународен конкурс во Македонија после 1965 година. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес на прес конференција ги соопшти сите детали околу конкурсот кој ќе биде отворен во наредните четири месеци. На настанот говореа и претставниците од трите стручни столба кои заедно со Општина Кисела Вода ја подготвуваа конкурсната документација, д-р Огнен Марина, декан на Архитектонскиот факултет; претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Мишко Ралев, како и Михаел Димитровски, раководител на одделение за урбанизам и член на УО при Комората на овластени архитекти и инженери.

-Денес финализираме едно големо ветување за одговорно, стручно и хумано планирање на ликот на оваа урбана заедница која во минатото беше поврзувана искучиво со нерационалноста, алчноста и непочитувањето на елементарните урбанистички правила за хумано живеење при планирањето, како и немањето слух за барањата на најзасегнатите-граѓаните кои тука живеат. Ја спречивме намерата на претходното раководство за изградба на 99 згради во Расадник, спречивме катастрофа, а после неколкумесечна сеопфатна подготовка, со големо задоволство сакам да ве известам дека го објавивме Меѓународниот конкурс за Расадник, истакна градоначалникот Ѓорѓиевски на почетокот од своето обраќање, давајќи осврт на целиот неколкумесечен процес за стручна подготовка на конкурсната документација.

Потенцираше дека покрај експертите, во процесот беа вклучени и граѓаните кои даваа свои забелешки и сугестии и кои имаат свои претставници и во Партиципативното тело. Истите се вклучени во финалниот документ кој беше креиран заедно со Архитектонскиот факултет во Скопје, Комората на овластени архитекти и инженери и Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

Без да навлегувам детално во содржината, би сакал да издвојам дека нашите програмски насоки за овој дел од Кисела Вода предвидуваат постоење на детска градинка, основно училиште, верски објект, урбана парк – шума од минимум 100.000 м2, спортско-рекреативни содржини, високо образование со ботаничка градина… Од учесниците ќе побараме квалитетно, современо архитектонско-урбанистичко решение коешто ќе ги задоволи потребите на различните групи корисници и воедно оптимално ќе го искористи капацитетот на локацијата. Се надеваме дека овој меѓународен конкурс ќе биде предизвик и можност за професионална надградба за стручњаците од оваа област, а обезбедената парична награда, како достоинствена валоризација на инженерскиот труд од страна на Општина Кисела Вода ќе биде само дополнителен поттик. За наградите во износ од 15000, 8000 и 3 000 евра за прво, второ и треторангираниот, како и за двата откупа во износ од по 2000 евра, ќе одлучува 9-члена жири комисија. Во неа има и врвен меѓународен експерт од областа на архитектурата и урбанистичкото планирање, како и претставници од домашната стручна јавност, но вклучени се и граѓаните преку Партиципативното тело за урбанизам на Општина Кисела Вода, кое беше формирано како дел од целкоупниот процес за кој денес говориме. Како што многупати досега кажав, јас, како градоначалник, нема да се мешам во одлуките и ќе ги почитувам решенијата кои ќе бидат одбрани, на тој начин обезбедувајќи целосна независност и валдност на процесот, наведе Ѓорѓиевски.

Конкурсот трае до 11 ноември, кога ќе се знае бројот на пријавени трудови и ќе започне процесот на евалуација кој треба да заврши заклучно со крајот на декември оваа година. После речиси 60 години, Кисела Вода е првата општина која се осмели да направи сериозен чекор напред и да ги следи меѓународните стандарди за урбанистичкото планирање, транспарентното работење и водење сметка за јавниот интерес. Градоначалникот Ѓорѓиевски упати повик за учество за учество до целата домашна и меѓународна експертска заедница.

На крајот, уште еднаш упатувам повик за учество на конкурсот до домашната и меѓународната експертска заедница, до сите оние кои знаат дека кога уредувате јавен простор, вие дизајнирате нечиј дом, нечие соседство, го креирате правецот на развој на тој дел од градот. До сите кои верувате дека луѓето се важни и дека не може да уредуваме градење без да уредуваме живеење, изјави Ѓорѓиевски.

Задоволство од транспарентното работење на новото раководство на Општина Кисела Вода и изборот преку натпревар на идеи да се обликува јавниот простор, изразија и останатите учесници на денешната прес конференција, претставниците на стручната јавност од областа на архитектурата и урбанизмот. Истакнаа дека ова е насока која ќе треба да ја следат и другите општини, градот и целата држава.

Состав на жири комисијата:

Проф. др. Огнен Марина, Декан на Архитектонски Факултет Скопје -Претседател
Prof. Massimo Crotti, Department of Architecture and Design, Politecnico di Torino, Italy – Член
Проф. Др. Мишко Ралев, Декан на Факултетот за архитектура и дизајн при УАКС – Член
Д.и.а Наташа Влчевска Савиќ, Комора на овластени архитекти и инженери-Член
Д.и.а Драган Стојанов, Граѓанско партиципативно Тело -Член
Д.и.а Голубина Арсовска-Општина Кисела Вода – Член.
Д.и.а Кирил Димески член на комисија за урбанизам – Член
М-р по просторно планирање Ирена Маренчева Митревски –Член, и
Дипл. правник Славче Трпески – Член



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.