За една недела е избркан од работа и втор вработен во обезбедувањето на Град Скопје. Даниел Давитковски, кој работи во Градот 18 години, на денешната прес конференција вели дека е избркан без никаква причина односно поради самоволието на секретарот Зоран Глигоров.

Според Давитковски, во решението за отказ на кое е потпишана градоначалничката Данела Арсовска, а го добил од службата за човечки ресурси, стои дека му престанува работниот однос бидејќи во текот на работата сторил дејствие кое има обележје на кривично дело.

Тој тврди дека не е вистина и заедно со десетина други вработени во обезбедување на Градот на денешната прес-конференција го обвинија Глигоров дека им врши мобинг, ги малтретира и навредува, а ако некој постапи спротивно од неговите наредби му се заканува со бркање од работа.

Нека излезе Глигоров и нека каже какво кривично дело сум сторил. Јас немам никакво досие во полиција, ниту пак е покрената некаква постапка против мене во Градот. Избркан сум затоа што дадов изјава во полиција за инцидентот меѓу Глигоров и колегата Елвис Симоновски, кој минатата недела беше избркан од работа. На секретарот не му се допаѓала мојата изјава, односно не била во негова корист и затоа сум избркан од работа. Ова е скандал, оставен сум без никаква причина без работа, а дома имам две малолетни деца. 18 години работам во Градот, поминале 4 градоначалници и луѓе во нивните кабинети, вакво нешто немало. Глигоров се изживува со нас, ги малтретира вработените, врши мобинг, им се заканува со бркање од работа. Сите се плашат да му се спротивстават бидејќи знаат дека не почитува никакви процедури и закони, и дека ќе ги избрка од работа, како што е случајот со мене и Елвис, вели Давитковски и најави тужба.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.