Градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски вечерва беше гостин во емисијата ,,Што не е јасно” која се емитува на телевизија Алфа.
Говореше за ревизијата на работењето на претходната администрација која ја најави и кажа дека надвор државната ревизија која постапува во неколку општини, распишал тендер на кој за жал не се пријавила ниту една ревизорска фирма, но тоа не значи дека се откажува туку напротив, постапката се повторува бидејќи сакал, како што вели, релевантни институции да го докажат тоа за кое се сомневаат, односно да се открие потенцијален криминал во општина Кисела Вода.
Јас нема да излегувам со медиумско напаѓање и нагаѓање, туку јас ќе влезам со конкретни работи. Тоа им го должам на граѓаните и тоа им го должиме со години наназад, да видат дека конечно има правда. Ова не значи дека јас потврдувам нешто, но ова значи дека јас сум добар менаџер и има институции кои ќе го потврдат тоа што можеби јас се сомневам. 30 години е таков системот во Република Македонија, за жал, некој за две кила банани лежи пет години затвор, некој ќе дојде со ,,фичо” или ,,101”на функција и преку ноќ ќе се обогати, ќе го опљачка народот, народот ништо нема да добие за возврат и на крајот нема никаква одговорност. Јас лично сум против таков систем на функцонирање – рече Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски говореше и за битката со урбаната мафија која ја започна и рече дека тука има неколку недоречености во нашите закони, односно има некои работи кои не се ни дозволени но не се ни забранети и тоа многу пати во минатото било можност да на некој му се дозволи да направи одредената отстапка и во таа ситуација секогаш страдале нашите сограѓани.
Јас барав поддршка од моите сограѓани, јас не барав поддршка од градежни тајкуни, не барав поддршка од инвеститори итн и мојата функција и начинот на кој ја практикувам власта ја должам исклучиво на моите сограѓани и тука не правам толеранција на никој од другиве. Многу е добро во политиката и тоа одговорно го тврдам кога ќе влезете без никаква хипотека кон никого и на никој нема да должите, или што би рекол народот – нема некој да ве држи за уво па да вие мора да постапувате за некој да се богати, што обично било случај во минатото – рече Ѓорѓиевски.
Тој потенција дека започнале две постапки, односно сите ДУП-ови кои до сега биле држени во фиока, јавно и транспарентно ги извадиле на увид на граѓаните и со тоа се оставило простор на граѓаните до 31ви јануари да дадат забелешка, сами да си ја креираат судбината и нивната околина. Кажа и дека започнале со отстранување на дивоградбите и тоа да не се сфаќа лично бидејќи нема проблем со него, туку има со законите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.