Ја искекле оградата, го срушиле ѕидчето и со багер почнале градежни работи во паркчето на Поликлиниката Бит Пазар. Неофицијално планот бил на местото со зелена површина бесправно да се изгради паркинг. Обидот за узурпација на земјиштето на здравствениот објект се случил вчера приквечер после 19 часот кога се намалила фрекфенцијата на пациенти и вработени. Копањето и тампонирањето на земјата го забележал чуварот и веднаш ги известил директорите кои пак пријавиле во МВР.
-Немаше никакви индиции, ниту имаше писмо и известување, дека ќе се почне со градежна активност или со судска одлука дека тоа земјиште припаѓа на некого, некој си. Што е целта на овие луѓе сигурно МВР и обвинителството ќе излезат со повеќе детали, вели во изјава за ТВ Сител проф. д-р Виктор Исјановски, директор на Здравствен дом Скопје.
Министерот за внатрешни работи изјави дека полицијата веднаш реагирала и биле уапсени две лица од Скопје.
– Излезено е на лице место, приведени се две лица од Скопје и притоа е известен јавниот обвинител по чија наредба е одеземна градежната машина. Во текот на денешниот ден се процесуира кривичната пријава и ќе оди по брза постапка. Лицата ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка, Ова е силна порака од државата дека никој не смее да узурпира никакво земјиште и никаква сопственост. Ирелевантно кој е, кој сака нека биде, тоа не може да го прави и ќе сноси одговорност, изјави Спасовски, министер за внатрешни работи.
Двете лица од Скопје на 44 и 42 годишна возраст ќе одговараат за две кривични дела узурпација и нелегална градба, најверојатно на паркинг на местото на зеленилото во дворот на Поликлиниката Бит Пазар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.