Во рамки на третото издание на Скопскиот градски фестивал, вечер во големата сала на Филхармонијата во 20 часот концерти ќе одржат Матија Дедиќ – најпознатиот хрватски и еден од водечките европски пиjанисти и композитор, и Квартетот Heller / Sasse / Gjakonovski / Kostadinovic составен од некои од најдобрите европски џез музичари меѓу кои и нашиот Мартин Ѓаконовски.
Матија, кој е син на Арсен Дедиќ и Габи Новак, има настапувано со познати музички имиња меѓу кои Alvin Queen, Martin Drew, Ron Ringwood, Boško Petrović, Marc Murphy Band, Patrizia Conte, David Gazarov, Gianni Basso, Miles Griffith, Onder Fokan, Jean Louis Rassinfosse, Anca Parghel, Tomi Emanuel, Lenny White, Kendrick Scott, Jim Madison, Jeff Ballard, Vicente Archer, Buster Wiliams, Larry Grenadier, N.H.O. Pedersen, Ron Mcclure, Marek Patrman и Salvatore Maiore.
Настапувал и со најпознатите балкански музичари меѓу кои Здравко Чолиќ, Влатко Стефановски, Џибони и Тамара Обровац. Како лидер има издадено десет албуми.
Квартетот Heller / Sasse / Gjakonovski / Kostadinovic Quartet –ќе настапат по првпат заедно во овој состав на СГФ. Четворица музичари со исклучителни кариери, секој поединечно настапувал со врвни имиња од европската и светска џез сцена. На контрабас ќе настапи Ѓаконовски, кој се смета за најпознатиот македонски џез музичар, а кој живее и работи во Германија.
Билети за концертите во Филхармонијата можат да се набават преку www.bileti.mk. Фестивалот е поддржан од Град Скопје.
На плоштадот „Македонија“, пак, продолжува Дванаесеттото издание на „Виноскоп 2022“, кој на граѓаните им нуди богата музичка програма со домашни изведувачи и бендови, а за убавото расположение придонесуваат и македонските винарии кои што ќе ги зачинат музичките звуци со прекрасни македонски вина. Програмата започнува во 13 часот, а меѓу учесниците се Нина Јанева, ЗЏМ – Биг Бенд и Елена Поповска, Џафер, а за крај на вечерта ДЏ Гоце САФ
Во Општина Сарај, продолжува Меѓународниот фолклорен фестивал „САРАЈ ФЕСТ“ кој ќе трае до утре. Овој меѓународен фестивал се организира по 12. пат во Сарај од културно уметничкото друштво „Дрита е Дервенит“ Сарај, во соработка со Општина Сарај и поддржан од Град Скопје. Учествуваат над 15 културно уметнички друштва од земјава и од странство, информираат од Град Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.