На платото пред трговскиот центар „Ист Гејт Мол“, кај главниот влез, денеска во 13 часот ќе се одржи настанот „Да ја победиме сообраќајната некултура!“. Целта е подигнување на јавната свест за важноста на културата во сообраќајот.

Иницијатори се „Мотоцентар“ и трговскиот центар „Ист Гејт Мол“.

– Во месецот кога се одбележува Светскиот ден за сеќавање на жртвите во сообраќајни незгоди (19. ноември), настанот претставува потсетник за улогата на секој еден активен учесник во сообраќајот за одговорно однесување, согласно сообраќајните правила и прописи, а сé со цел намалување на бројот на жртви на сообраќајната некултура, соопштија иницијаторите.

Како што е најавено, ќе се обратат Горан Гроздоски, генерален директор на „Мотоцентар“, Гордана Кожуваровска, претседател на Републички Совет за безбедност на сообраќај на патишта (РСБСП), Љупчо Грујовски, претседател на „Порше Клуб Македонија и Ристо Вуков – Рико, македонски спортски автомобилист.

Во 12:30 часот ќе се реализира авто-мото дефиле во соработка со „Порше Клуб Македонија“, како едукативна порака за важноста на сообраќајната култура. Дефилето ќе почне од Спортскиот центар „Борис Трајковски“, додека крајната дестинација ќе биде платото пред трговскиот центар „Ист Гејт Мол“. Учесниците во дефилето, преку симболично користење на звучна сигнализација на точки каде што се случиле сообраќајни несреќи со жртви, ќе алармираат за поголемо внимание и сообраќајна култура.

Според статистичките податоци достапни преку службените весници на МВР и анализите на РСБСП, годишно се случуваат околу 3.500 сообраќајни незгоди со повредени лица. Со повреди, во просек годишно се здобиваат од 5.500 до 6.000 лица. Согласно податоците од годишните анализи за 2021 и 2022 година на РСБСП, во просек на годишно ниво околу 125 лица во нашата држава го губат животот во сообраќајни незгоди.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.