Скопската градоначалничка Данела Арсовска денеска кажа дека в.д директорот на МКЦ Ванчо Богоев лаже дека му се вршат политички притисоци и дека било побарано од него да го вработи Арбен Шаќири и додаде дека не е сменет од функцијата, туку му завршил договорот. Таа вели дека ќе го тужи Богоев, обвинувајќи го дека покрај тоа што лаже и незаконски работел и исплаќал илјадници евра.

Богоев е ставен за директор на предлог на ВМРО-ДПМНЕ. Во изминатата година склучил 250 договори за ангажирање без договор или преку Агенција за привремени вработувања. Исплаќани се илјадници евра на овие лица, меѓу нив истакнати членови и функционери на ВМРО-ДПМНЕ, има и над 90 договори за времено ангажирање на шанкери на кои им биле исплаќани од 350 до 700 евра за еден месец. Од главната благајна на МКЦ подигнати се над 100.000 евра кои се повлечени во готово. Каде се овие пари има некој што треба да даде одговор затоа што нема соодветна документација. Го повикувам Богоев да објасни за договорот на кој бил издаден простор во центарот на градот на Пасворд Продукција на која договорот ѝ завршил минатата година, а од март досега немаме информација кој го стопанисувал тој простор и кој добро профитирал”, рече Арсовска.

Градоначалничката тврди дека Богоев ги манипулира културните работници и ги вади на протести токму поради финансиски манипулации, односно за да не се открие неговото работење.

Таа рече дека не било точно дека е намален буџетот на МКЦ и дека нема ништо спорно што е ставен детектив за нов в.д. директор.

На прашањето дека зад протестите на МКЦ и обвинувањата за притисоци од Градот застана цел програмски колегиум на МКЦ, Арсовска кажа дека сите се изманипулирани од Богоев со цел да се покрие каде отишле парите.

Од Програмскиот совет на МКЦ реагираа на прес-конференцијата на Арсовска велејќи дека кажала тешки инсинуации, неосновани обвинувања и податоци, како и непоткрепени информации целосно извадени од контекст. Најавија прес-конференција за утре.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.