На иницијатива на градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски денеска во просториите на Општината ќе се одржи координација со скопските градоначалници. Темата на прес-конференцијата, како што е најавено, ќе бидат актуелните состојби во главниот град.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера од Општина Аеродром порача институциите што се под надлежност на Град Скопје да си ја вршат работата за која се платени и да работат во интерес на граѓаните во главниот град, во сите општини, затоа што граѓаните тоа го заслужуваат. Доколку нема напредок за една недела, како што најави, Владата ќе ги разгледа можностите за одземање на нивните ингеренции и за решавање на проблемите, како јавниот градски превоз и хигиената.
Премиерот Мицкоски и претседателот на Заедницата на едниците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и градоначалник на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски вчера потпишаа Меморандум за соработка кој, меѓу другото, ги утврдува приоритетите и идните проекции на развојот на системот на локалната самоуправа во земјава.
Поради неправилности при работењето и непочитувањето на договорите за вработување, во текот на вчерашниот ден беа разрешени директорите на јавните претпријатија „Паркови и зеленило“ и „Дрисла“, Мартин Ангеловски и Александар Кузинаков. Град Скопје преку Фејсбук, пак, најави дека до крајот на оваа недела почнува со спроведување вонредна ревизија во работењето на сите јавни претпријатија. Градските власти соопштија дека резултатите од спроведената ревизија ќе бидат објавени јавно, а доколку бидат констатирани и неправилности при работењето на раководните лица во претпријатијата, за нив ќе бидат известени и соодветните надлежни институции.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.