Насмевката на лицата и детската радост кажуваат многу. Денеска дечињата од Аеродром се радуваа на новоизградениот објект „Црвенкапа“ во рамките на детската градинка „Срничка“, уреден со мотиви од македонскиот бренд „Светот на Биби“.

Станува збор за објект на површина од 1.700 квадратни метри, опремен со осум занимални и најсовремени услови за згрижување на 200 дечиња.

Благодарам на сите кои од почеток до крај учествуваа во реализација на овој проект, затоа што нема нешто позначајно од вложувањето во најмладите. Се радувам што после долг период го решаваме проблемот за згрижување на децата од овој дел од Аеродром и со тоа реализираме еден важен проект за граѓаните, порача првиот човек на општина Аеродром, Тимчо Муцунски.

Јас како градоначалник и ние како Општина остануваме посветени и понатаму во решавањето на предизвикот со недостатокот на места во детски градинки и токму оваа посветеност и заложба ќе биде проектирана во буџетот за 2023 година во кој предвидуваме средства со кои ќе започне изградбата на две детски градинки за кои општината веќе го финализира процесот на избор на идејни решенија, додаде Муцунски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.