На 25 и 26 ноември 2024 година, во индустрискиот амбиент на едукативниот културен центар „Лабораториум“ ќе се одржи Саемот на креативни индустрии, настан кој ги обединува претставниците на културните и креативните индустрии. Настанот е во организација на здружението „Балкан синема ситис“ и Унијата на македонски организации во креативните индустрии УМПАКИ Скопје, со поддршка од Министерството за култура и туризам и Британскиот совет.

Саемот претставува платформа каде што традицијата се сретнува со современиот дизајн и иновациите. На саемот ќе се претстават 50-на учесници. Во „Лабораториум“ ќе може да се видат неколку неверојатни технолошки и иновативни достигнувања, меѓу кои и хуманоиден робот, дизајниран од проф. д-р Анис Сефиданис и неговиот тим, првенствено е замислен како диџеј и иновативна платформа за нови идентитети во роботиката. Истовремено, ќе може да се доживее во виртуелна реалност античкиот римски театар на локалитетот Хераклеја Линкестис преку сетови за слободно користење.

Компаниите „Интетик“ и „Камај Медиа“ ќе ја претстават својата најнова видеоигра „Необичната Приказна на Брајан Фишер: Второ поглавје“, која што излезе на почеток на месецов и е достапна на Xbox, Microsoft Store и Steam преку специјално изработена соба, инспирирана од необичната куќа на Брајан од видеоиграта, во којашто посетителите ќе може да влезат и во живо да решаваат интересни загатки.

Понатаму, студиото „Висион ноктурн“ од Брисел, Белгија ќе се претстави со проектот „Човечка трага“ за визуелно мапирање на телото со помош на вештачка интелигенција на голем екран, а пак домашните студија „Зоотроп“ и „Флатформ филм“ ќе имаат инсталација на посебен простор за виртуелно „оживување“ на историски личности за интеракција со посетителите, која се базира на вештачка интелигенција.

Учествуваат и Шведската амбасада во земјава со проектот „Модата засекогаш“ (Fashion.Forever), повеќе средни училишта и универзитети кои ќе ги претстават своите иновативни машини и производи, стрип здруженија и стрип автори, претставници на домашни мали бизници и поединци во креативните индустрии, „Лаб дизајн маркетот“ сос повеќе од 15 локални брендови, сите обединети со заедничка посветеност на богатата традиција на македонската изработка, и многу повеќе.

На саемот ќе се одржат и едукативни работилници за стрип за основци и средношколци, како и преавања за средношколци во соработка со Универзитетот „Еуропа Прима“.

Контакт информации:



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.