Директорот на Универзитетската клиника за детски болести, Реџеп Мемеди, денеска, во врска со наводите за повреда на четиримесечното доенче кое беше хоспитализирано во Клиниката, изјави дека немало никакви намери од страна на медицинската сестра за нанесување повреда, туку модринките на раката настале од земање венска крв за анализа.

Немало апсолутно никаква намера на медицинската сестра за нанесување повреда, туку тие хематоми, односно модринки на десната рака настанале во текот на процедурата земање венска крв за анализи на ден 11 јули, која е реализирана од страна на две медицински сестри, при што едната сестра ја фиксира раката на детето, надлактица и подлактица, а другата сестра боцка во вена. Како последица на механичкиот притисок настанале хематомите на десната надлактица и подлактица, рече Мемеди.

Министерот за здравство Арбен Таравари, пак, денеска на прес-конференција во одговор на новинарско прашање во врска со случајот рече дека покрената е дисциплинска постапка за две лица, од кои една е медицинска сестра. Таравари уверуваше дека посетата на семејството, без да се спроведе постапка и проверка, бил правилен.

Ова доаѓа по тврдењето на семејството дека медицинска сестра од Клиниката за детски болести насилно постапувала со бебето поради меѓуетничка нетрпеливост. Според Мемеди, причина за алармирање на случајот од страна на родителите е недоразбирањето меѓу дедото на детето и медицинската сестра кое се случило еден ден претходно. По негова иницијатива, во текот на вчерашниот ден се сретнале родителите на четиримесечното доенче и медицинската сестра, по што како што рече, си подале рака на помирување.

Вчера е реализирана средба меѓу родителите на четиримесечното доенче и медицинската сестра. Родителите на детето се покажаа доблесни и медицинската сестра изрази спремност за да се согласат дека настанот е повеќе последица на погрешна комуникација и недоразбирање и си дадоа рака на помирување, рече Мемеди.

Во одговор на новинарско прашање, директорот негираше дека ќе се поведе дисциплинска постапка за медицинската сестра, нагласувајќи дека „расчистени се сите нејаснотии и тука немало никаква лоша намера од страна на сестрата, ниту од страна на родителите“.

Прашан зошто истата вечер не се консултирале со сестрата, Мемеди рече дека било викенд и потребно било да се формира комисија која ќе ги анализира сите информации и податоци во врска со случајот.

Тоа беше викенд, требаше да се формира комисија, да се анализираат сите информации и податоци. Апсолутно немаше потреба од брзање. Секое брзање не е во интерес на вистината, рече Мемеди.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.