Рускиот претседател Владимир Путин за прв пат ја нарече „исклучително тешка“ ситуацијата во териториите на Украина, кои Русија ги прогласи за свои региони.
Путин изјави дека „ситуацијата во регионите на ДНР, ЛНР, Херсон и Запорожје е исклучително тешка“ и им порача на безбедносните сили во четирите окупирани региони дека мора да направат се за да ја осигураат безбедноста на граѓаните во нив.
„Посебно би сакал да ги истакнам единиците на безбедносните агенции кои почнаа да работат во новите региони на Русија каде е исклучително тешко. Но, луѓето што живеат таму се надеваат на неа и на таа заштита“, изјави Путин, пренесува руската државна новинска агенција РИА Новости.
Претседателот на Русија рече дека е должност на тајните служби да направат се за да обезбедат максимална безбедност на граѓаните и да ги заштитат нивните права и слободи. Тој вети и дека ќе обезбеди нови единици со современа опрема и оружје, како и искусен персонал.
Путин повика и на зајакнување на работата на безбедносните агенции во клучните области поради појавата на нови закани и им нареди на специјалните служби да ги држат под постојана контрола местата на масовно собирање на граѓаните и стратешките објекти на транспортната и енергетската инфраструктура.
„Од контраразузнавачките агенции, вклучително и армијата, сега се бара да покажат максимална присебност, концентрација на силите. Неопходно е строго да се потиснат дејствијата на странските специјални служби, брзо да се идентификуваат предавниците, шпиони и саботери“,
рече Путин.
Тој, исто така, побара да се зајакне работата на Федералните служби за безбедност (ФСБ), нарекувајќи ја границата „најважната, клучна граница за обезбедување на безбедноста на земјата“, која мора да биде сигурно покриена.
Вчерашната посета на Путин на белорускиот претседател и близок соработник Александар Лукашенко предизвика голем интерес во последните денови, особено што ова беше прв пат од 2019 година Путин да оди во Минск. Во меѓувреме, тој секогаш се среќавал со Лукашенко во Русија.
Во своите изјави по средбата Путин и Лукашенко речиси и не ја споменаа војната во Украина. Никој од присутните новинари на прес-конференцијата на двајцата лидери не праша дали Белорусија ќе се вклучи во војната во Украина. Лукашенко во неколку наврати изјави дека тоа нема да се случи.
Наместо тоа, лидерите зборуваа за се посилните економски и одбранбени врски меѓу двете поранешни советски држави, обединети во т.н. „Унија“, како и финалето на Светското првенство во фудбал што се одигра во неделата во Каатр, пренесува Ројтерс.
Киев, во меѓувреме, бараше повеќе оружје од Западот откако руските беспилотни летала „камикази“ погодија енергетски цели во понеделникот.
„Оружје, гранати, нови одбранбени способности… се што ќе ни даде можност да го забрзаме крајот на оваа војна“,
рече претседателот Володимир Зеленски во своето вечерно обраќање.
Високата команда на украинската војска соопшти дека нивната противвоздушна одбрана соборила 23 од 28 беспилотни летала – повеќето над главниот град Киев – што беше трет воздушен напад на Москва во последните шест дена. Русија ја гаѓаше електричната мрежа на Украина, предизвикувајќи прекини на струја при температури под нулата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.