Во рамки на јубилејното 45-то издание на манифестацијата „Скопско лето“, денеска во 12 часот, во градската кафеана Пелистер во Скопје, ќе се одржи промоција на книгата „Балкански вознеси“ од Васил Тоциновски.

Промотори: проф. д-р Васил Дрвошанов и м-р Сашо Огненовски.

Книгата „Балкански вознеси“ на македонскиот писател и научен работник Васил Тоциновски, издание на „Академска мисла“ Скопје, претставува своевидно освежување. Во ова заитано и превртено време на конфликти, недоразбирања, разградувања и непочитување ги проследува, толкува и вреднува заедничките нешта кои ги зближуваат и творечки ги обединуваат балканските литерaтури. Книгата содржи дваесет текстови во кои низ архивски истражувања и нова документација се разгледуваат малку познати и се отвораат нови страници за одредени автори и дела, појави и пројави во македонската книжевност од еден подолг временски период, почнувајќи од втората половина на деветнаесеттиот век до денес. Трите уводни книжевно-историски студии се за браќата Константин и Андреја Д. Петкович, познати дипломати на царска Русија, првиот во Дубровник, вториот во Риека и со досега непозната документација авторот понудува многу нови и комплетни биографски податоци за Константин, а од Андреја интересни и вредни не само дипломатски извештаи, туку и белетристика за босанско-херцеговската борба, позната повеќе како Невесињско востание. Преплетувањето потврдува како пишаниот збор на македонските просветители како руски допломати во Хрватска, меѓу другото, пишуваат за борбата на босанско-херцеговскиот народ за извојување на сопствените национални и социјални права и слобода. Крсте Мисирков, Димитрија Чуповски и Петар Поп Арсов се личности кои ја формираат извонредно значајната етапа на македонствување во втората половина на 19 век. Во нивната револуционерна, писателска и публицистичка дејност системно и аргументирано Тоциновски ги создава европските интелектуални профили со стожерната активност на државотворните елементи како стратегија на колективното македонско дело во остварување на вековните идеали за сопствена државност – Свето Стаменов за Балканската книжевна соработка.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.