Утре (петок) во 12:00 во Друштвото на писателите на Македонија ќе се одржи предавање-промоција на делото „Авторските неологизми во поезијата на Весна Мундишевска-Велјановска“ од М-р Елизабета Јончиќ.
Кога ќе се спомнат неологизми или кованици, најчесто првото нешто што ни паѓа напамет е нашиот класик Гане Тодоровски и неговите раскошни стихови со примери на зборотворење. Но, делото „Авторските неологизми во поезијата на Весна Мундишевска-Велјановска“ е вистински новитет на ова поле, затоа што претставува првата студија кај нас за неологизмите во творештвото на една поетеса. За тоа на кој начин се конструирани новите зборови во поезијата на Мундишевска-Велјановска и кои се нивните одлики ќе зборува М-р Елизабета Јончиќ, членка на Друштвото на писателите на Македонија. Преку паралели со зборотворењето на Гане Тодоровски, Јончиќ ќе се обиде да одговори и на прашањето како новите зборови во современата македонска литература го отсликуваат духот на нашето време.
Друштвото на писателите на Македонија ве поканува на настанот, кој е замислен како промоција-предавање, но и како мало одбележување на јубилејот 90 години од раѓањето на Гане Тодоровски. За книгата на Јончиќ свои излагања ќе имаат и писателката и издавач Гордана Јовиќ-Стојковска и М-р Марија Стојановска, асистентка на Педагошкиот факултет во Битола.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.