Во Делчево почна реализацијата на проектот „Произведи храна во склад со природата и допринесувај во справувањето со климатските промени“. Имплементатор е Здружението на производители на органски производи „Аронија“ од Делчево, а целта на проектот е имплементација на биолошките методи со користење на природните ресурси во производството на био-храна на фарми со пермакултура.
Како што истакнува претседателот на здружението Фиданчо Христов, овој тип на мотивациско градинарство во склад со природата е иновативниот пристап во производството на био-храна во кој производителите користат природни ресурси за исхрана, прехрана и биолошка заштита на растенијата.
Мотивационо градинарство е производство на храна каде континуирано се произведува храна преку целата година со изработен проект за пермакултура со кој се збогатува хранливата вредност и структурата на почвата. Сето тоа придонесува да се зголеми продуктивноста на малите фарми и производителите постепено се повеќе да ја подобруваат својата благосостојба. Постигнатите резултати од проектната акција даваат дополнителен стимул на самите фармери да ги зголемуваат површините под пермакултура, појаснува Христов.
Во рамки на проектот предвидена е едукација на младите за справување со влијанието на климатските промени, преку воведување на пермакултурата и користењето на природните ресурси за производство на био-храна.
Главни активности преку кои ќе се остварат целите на проектот се воведување на иновативна технологија за подобрување на производството на храна преку искористување на природните ресурси и растителниот отпад, Предвидено е и одржување на пет онлајн едукации за примена на пермакултура, како и поставување на пет контејнери за селекција на растителен отпад, изработка на видео за активностите од проектот и постигнатите резултати, како и воспоставување на пет био фарми со модели на перма култура за производство на био-храна, посочува Христов.
Тој очекува воспоставувањето на био-фармите со пермакултура да биде поттик и за другите производители на храна да почнат да ги користат перма моделите во производството на биохрана. Според него, ова претставува индивидуален отпор кон хемиската идустрија бидејќи ќе се реализира со намалена употреба на хемиските средства во земјоделското производство на храна, со крајна цел да се допринесе во зачувувањето на животната средина.
Како дел од проектот во наредниот период во Делчево ќе бидат одржани серија на обуки на кои едукатор и ментор ќе биде Билјана Бановиќ која има 15-годишно искуство како едукатор за производство на храна со методи на пермакултура. Таа ја води првата регионална онлајн градинарска заедница „Траг биљке“ која опфаќа 156 градинари од 110 градови, 11 држави и два континента. Со отпочнувањето на проектните активности петте фармери потоа стануваат членови на првата онлајн градинарска заедница, вели Христов.
Проектот „Произведи храна во склад со природата и допринесувај во справување со климатските промени” ќе трае до 31 јули годинава. Финансиски е поддржан од Центарот за истражување и информирање за животната средина EKO-CBECT од Скопје, и е под грант од проектот „Граѓанските организации 33 климатска акција” финансиски поддржан од Владата на Шведска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.