СловоКулт :: Берлин презентира свои публикации, современи и авангардни уметности, според концептот текст/визија/звук со учесници од Македонија и Германија. Учеството на уметниците од Германија е овозможено со поддршка на Германската амбасада во Скопје и ТРАДУКИ.

Првиот настан ќе се одржи на 21 септември, во 20 часот, во кафе-книжарницата Буква во Скопје каде што амбасадорката на Сојузна Република Германија во Македонија, Петра Дрекслер, ќе има кусо излагање во врска со политичкото значење на јазикот (поезијата, книжевноста и преводот), а веднаш потоа ќе има куса прес конференција со раководителката на СловоКулт :: Берлин, Елизабета Линднер.

Уметничката програма се состои од презентации на видеа и програма во живо со берлинските уметници Елизабета Костадиновска (повеќејазична поезија и мултимедијален перформанс) и JD Zazie.

Главниот настан е в петок, на 22 сепптември од 19:30 часот кога ќе има отворање на изложба од уметници, чии дела се илустрации во публикациите на СловоКулт: Ирена Паскали (Келн), Елизабета Костадиновска (Берлин), Иван Ивановски и Дијана Томиќ (Скопје).

Во 20:30 часот ќе започне интердисциплинарниот и мултимедијален настан со двојазична поезија во полифонија со германскиот поет Рон Винклер, Елизабета Костадиновска, кои ќе читаат своја и преведена поезија, и македонските поети Мануела Златкова и Александар Кирковски, со експериментални и звуковни пејзажи од берлинските уметници JD Zazie (Валерија Мерлини) и Margaret Unknown (Максимилијан Богнер) и нивните македонски колеги Amplidyne Effect (Мартин Герогиевски) и Андреј Татарчевски.

Настанот ќе биде проследен со видео изложба со дела од СловоКулт-уметници, чии имиња ќе бидат објавени во самото видео.

На двата настани публиката ќе има прилика да ги разгледа насловите од едицијата СловоКулт :: Словотека во издание на СловоКулт и Арт Еквилибриум, како и фестивалската антологија од 2020 година СловоКулт :: литерАРТура, кои ќе бидат на специјална понуда.

В сабота, на 23 септември, на фестивалот Здраво млади во МКЦ, СловоКулт :: Берлин ќе се презнтира со своја програма и берлинските уметници во Џепното кино!



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.