Собраниската седница на Комисијата за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање на која првично беше како единствена точка на дневен ред ставена Информацијата за незаконското именување на директор на АНБ поднесена од пратеници од опозициската СДСМ, по на моменти жестоката процедурална дебата меѓу власта и опозицијата беше прекината без да биде утврден дневниот ред.
Пратениците од парламентарното мнозинство во процедурална забелешка укажаа дека седницата била закажана без да биде запазаен Деловникот, односно по барање на една пратеничка група без поддршка на точката од една третина од пратениците, и без да бидат информирани сите пратеници на Собранието. Воедно, побараа да се дополни дневниот ред со две точки како прва и втора точка за посета на АР и на АНБ на 3 декември, односно на 16 декември по изнесените сомневања од страна на премиерот дека бил пруслушуван.
-Дајте да работиме по Деловник и по закон, ставете ги точките 1 и 2 за посета на Агенцијата за разузнавање и на АНБ. Тоа е основа на оваа комисија, во нејзина директна надлежност, и исклучиво оваа Комисија ја има таа надлежност. Сега вие да се вадите со некави техникалии дека вие не може да одите, е сосема ирелевантно. Комисијата има надлежност, не вие како поединец, вие не сте тој кој одлучува за мнозинството, вие само ја водите и усмерувате работата на Комисијата, согласно Деловникот. Затоа ве замолувам уште еднаш да ги ставиме точките на дневен ред што сум ги предложил, за што има согласност и од СДСМ, за нивно ставање. Да се произнесеме по првиот предлог, а потоа ќе се произнесеме и по предлогот на колешката Петровска, да не правиме од оваа Комисија театар. Нема да бегаме од точката, напротив, иако е неделовнички свикана ќе останеме на точката која што е предложена и ќе дебатираме по неа, побара пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска побара точките предложени од Ковачки да бидат ставени како втора и трета точка. Според неа, јасна е играта на парламентарното мнозинство да се блокира дебатата за информацијата поднесена од нивна страна, што како што рече зборува за демократскиот капацитет на парламентарното мнозинство.
-Кога зборуваме за надзор над работата на АНБ и на АР, треба да знаеме дека кон секое отворено прашање во јавноста треба да постапиме со ист аршин. Процедурално да одоговорам на колегите, ова не е барање за свикување седница туку иницијатива, насловена Информацијата за незаконското именување на директорот на АНБ, чија цел е сите прашања дебатирани во јавноста да ги дискутираме на отворена седница. Околу предлогот на колегата за дополнување на дневниот ред и дали е вистина тоа што го кажа премиерот околу незаконското следењето, е вистина или не, можеме да веруваме или не веруваме, но со оглед на значењето на оваа Комисија и од аспект на опозиција апсолутно го поддржувам предлогот да оствариме надзорна посета на двете институции, но тие точки да бидат ставени како втора и трета точка, рече Петровска.
Претседателот на Комисијата пратеникот Скендер Реџепи одби да ги стави двете точки за гласање со образложение дека според Деловникот, може но и не мора да ги стави предложените точки на гласање и оти ниту тој ниту заменик претседателот на оваа Комисија немаат безбедносен сертификан, па затоа не можат да бидат дел од тие посети на двете безбедносни институции.
-Точката е деловнички свикана, состанокот е деловнички свикан, можевте да поднесете барање за која било точка, ќе се дискутираше. Жалам што и директорот е тука сега, меѓутоа овие точки јас не можам да ги внесам, дали е тоа во ред одлучува претседателот на Комисијата, јас од таа причина констатирам дека не може да се има надополнување, може но не мора. Истото важи и за коалицијата на СДСМ и за коалицијата на мнозинството, јас одлучувам како претседател на Комисијата, не е во ред како претседател на Комсијата да не можам да присуствувам на тие посети и овие точки не ги ставам на дневен ред, рече Реџепи.
Реплицираше Ковачки, дека кога пратеник предлага измена и дополна на дневен ред се става на гласање и одлучува мнозинството, и тоа не може да биде работа на хир на претседателот на Комисијата, оти со непочитување на Деловникот ризикува да му биде поднесена интерпелација. По што претседателот на Комисијата Реџепи ја прекина седницата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.