Петти ден од кампањата за претседателските избори, претседателските кандидати преку митинзи, дебати, како и средби со граѓани, ги презентираат нивните програми.
Кандидатот поддржан од СДСМ и Коалицијата и актуелен претседател, Стево Пендаровски, кој ќе ја бара поддршката од граѓаните за втор мандат, ќе одржи митинг во скопските општини Кисела Вода и Аеродром.
Кандидатот за претседател од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова, денеска ќе ја презентира нејзината програмата во Новаци, Демир Хисар и Битола.
Кандидатот за претседател на државата од Европскиот фронт, Бујар Османи, во општина Шуто Оризари ќе одржи панел дискусија на тема: Еднаквост, консензуалност и социјална кохезија, како и прес-конференција по завршувањето на панелот.
Во Централната канцеларија на албанската Коалиција „Вреди“, кандидатот за претседател Арбен Таравари ќе одржи прес-конференција.
Кандидатот за претседател на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, ќе ја презентира програмата под наслов „Манифест за Македонија“, во Охрид, Дебрца, Велмеј и Лешани, при што ќе одржи средби со граѓани на Охридскиот кеј, низ охридската чаршија и градскиот пазар, како и ќе изврши посета на неколку домаќинства во село Велмеј и село Лешани.
Билјана Ванковска, кандидат за претседател од Левица ја продолжува претседателската кампања со средби со граѓани во Богданци и Гевгелија.
Синоќа претседателските кандидати упатија неколку главни пораки на нивните митинзи и средби со граѓани.
Пендаровски, на вчерашниот предизборен митинг во Охрид, рече дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ изминативе години „де факто“ е на истите антимакедонски позиции на Бугарија и ги поддржува опструкциите кои доаѓаат од таа страна.
– Ветивме дека Македонија ќе ја направиме членка на НАТО и тоа го направивме после 25 години статус кандидат. Огромен исчекор направивме и во преговорите со ЕУ, после 17 години во чекалната конечно ги отворивме преговорите. За жал, во моментот кога најмалку тоа го очекувавме нашиот источен сосед постапи комплетно антиевропски и не блокираше на тој пат. Меѓутоа и со тоа можевме лесно да се избориме ако внатре во државава немавме опозиција која „де факто“ е на истите антимакедонски позиции и ги поддржува сите опструкции кои ни доаѓаат од таа страна, истакна Пендаровски.
Силјановска Давкова на претставувањето на својата предизборна програма пред граѓаните на Кочани упати порака дека крајно време е една одговорна власт да направи широко експертско тело што ќе ги утврди проблемите во Уставот, бидејќи како што рече, тој е зрел за промени.
– Знам дека Уставот е зрел за промени и мислам дека е крајно време една одговорна власт да направи широко експертско тело што ќе ги утврди проблемите во него. Има работи што треба да се сменат за да имаме стабилна и функционална држава, силни институции и слаби поединци, зошто инаку загрозена е демократијата. Јас би требало да бидам една од оние која ќе ги менува работите, истакна Силјановска-Давкова.
Претседателскиот кандидат од Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, на вчерашниот митинг во Охрид истакна дека за земјава да стане членка на Европската унија првенствено треба да биде стабилна и самоодржлива држава.
– Македонија мора да продолжи да се развива како држава. За да станеме членка на Европската унија првенствено треба да ја средиме да личи, да биде стабилна и да е самоодржлива држава. Треба да си ги засукаме ракавите дома, да си се фатиме за работа, да ги спречиме енормната корупција и криминалот што ги создадоа и ги создаваат политичките елити, рече Димитриевски.
Левица синоќа на народниот собир во Тетово, ја претстави изборната програма „Го враќаме достоинството на нацијата“ на нивниот претседателски кандидат Билјана Ванковска, која рече дека е против внесување на Бугарите во Уставот и посочи дека нејзините противкандидати бегаат од директни соочувања, за што рече, не доликува на една демократија.
ПОВРЗАНИ ТЕМИ
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.