Општина Битола ќе инсталира систем за видео надзор во градот, за што веќе е избрана фирмата „Кабтел“ од Скопје. За реализација на проектот беше презентирана физибилити студија како основа за преземање на следниот чекор и завршување на проектот со инсталирање на систем за видео надзор, чија крајна цел е зголемување на нивото на безбедност и заштита на сите инвестиции кои се наоѓаат на јавните површини во градот.

Во Општина Битола, повеќе години наназад јасно се зборува за потребата од видео надзор, со цел подигнување на нивото на безбедност во градот, заштита од вандализми со кои се уништуваат објекти или опрема поставена на јавни површини, или накратко по примерот на повеќе градови во Европа и светот и во нашиот град да се придонесе за намалување на криминалот, насилството, одржувањето на хигиената и постигнување на поголем број на бенефити. Потребата од изготвување на Физибилити студија за видео надзор во Битола, е со цел да се истражат сите аспекти во однос на можноста за инсталацијата, употреба и одржување на систем за видео надзор. Токму затоа, нашето барање беше да се изготви студија која треба да ги анализира опциите за поставување на системи за видео надзор на одредени клучни локации во градот, покривање на најзначајните локации во Битола, избор на капацитет и технологија со детален осврт кон главната опрема и со анализа на алтернативни решенија, сеопфатна техноекономска анализа, прашањата поврзани со влијанието на системот врз животната средина, заштита на лични податоци и други аспекти, истакна градоначалникот, Тони Коњановски,.

Тој нагласи дека главната цел на студијата е да се даде одговор на прашањето за оправданоста од идни вложувања за вакви надзорни точки како дел од еден целосен систем за видео надзор, имајќи ги предвид потребите на Општина Битола.

Претставникот на „Кабтел“, Тони Ѓорѓиев, ги соопшти целите и задачите на студијата, како и начинот на избор на локациите каде што ќе бидат поставени камерите за видео надзор.

Физибилити студијата ќе биде ставена на увид на членовите на Советот на Општина Битола кои претходно донесоа одлука за реализација на проектот за поставување на видео надзор во Битола.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.