Со положување цвеќе пред споменикот на ослободителите на градот и на партизанските гробишта денеска беа одбележани 80 години од ослободувањето на Скопје.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, порача дека јубелејот 80 години, е симбол на победата, на духот, на решителноста, на пожртвуваноста на генерациите кои што се обиделе да направат нешто повеќе и дека „нашето Скопје треба да се сака со тоа што заедно ќе работиме да имаме поубав град, кој ќе биде гордост на секој еден од нас“.

Да е вечен споменот на нашите предци, на нивните дела, а ние сите, граѓаните на Скопје и на нашата Македонија да останеме обединети во нашите напори да направиме нашиот град да биде уште поубаво место за живот, меѓутоа да биде и поуспешно, посветло и поубаво место за живеење на идните генерации… да докажеме и покажеме дека можат Скопјани и знаат како да работат заедно, порача Арсовска.

Таа порача дека оваа годишнина е време да се потсетиме дека мора да преземеме обврска за продолжување на тоа што некој пред нас успеал да се избори и да ни го остави како подарок со својот живот и жртва.

Претседателот на Сојузот на борци Наум Бурески, од пред ѕвездата водилка за слобода на партизаните и борците во НОБ, порача дека во борбите за Скопје се дадени многу жртви и дека денеска славиме слобода на еден голем град, главниот град на Македонија.

На ослободувањето од цела Македонија беа дојдени претставници и народ, кои ја славеа слободата. За првпат почнавме да зборуваме за македонски школи, да формираме универзитети, култура, образование, здравство и сите политички и државотворни организации. Своја република со свој претседател… каде се зборуваше и учеше на македонски јазик. Јас сум Македонец и ќе бидам Македонец. И моите деца ќе бидат Македонци и оваа татковина, мајка наша не може никој да ни ја одземе. И, сакам една порака да испратам, до партиите и властите, да се здружат, да ги фрлат копјата и да ја градат оваа држава, затоа што друга држава немаме и нема ниту да имаме, ако ја изгубиме, порача Бурески.

Делегации претходно положија свежо цвеќе и пред споменикот на генерал Михајло Апостолски во Алејата на заслужните граѓани, а вечерва од 19 часто во Македонската Филхармонија ќе се одржи и Свечена академија и доделување на 13-то Ноемвриската награда.

На 13 ноември 1944 година, борците од 42-та и 50-та Народноослободителна дивизија и 16-та Македонска бригада го ослободија Скопје од фашистичката окупација. По неколкудневни тешки борби,  борците со победоносен марш влегоа во градот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.