Одговорот на прашањата дали е одржлива правната квалификација за кривичното дело „убиство“ кое им се става на товар на обвинетите за смртта на хрватскиот ракометар Денис Тот и дали постои умисла за истото е одбраната со која преку докази, бранителите на обвинетите ќе докажуваат дека тие не се виновни.
Денеска би сакал само да потенцирам дека нашата одбрана ќе биде насочена во правец на тоа дали сега обвинетиот Анџело е сторител и можел да биде сторител на кривичното дело за кое се обвинува, а, секако и дали може да биде одржлива правната квалификација за ова кривично дело. Во тој правец, во поткрепа на нашата одбрана на судот му доставивме и листа на докази врз основа на кои ќе ја докажуваме нашата невиност и ќе го оспориме обвинителниот акт посебно во делот на правната квалификација, изјави бранителот на обвинетиот Анџело Ѓорѓиевски, адвокатот Иле Танев.
Дополни дека за нив останува нејасно и, како што рече, „како и во оваа кривична постапка ќе се докаже умислата за обвинетиот Анџело, дека сакал да го стори ова кривични дело, бидејќи умислата претставува единствен важен квалификаторен елемент за да опстои самото обвинение“.
Бранителот на обвинетата Клементина Левковска, адвокатот Бојан Василевски, исто така, пред судот изјави дека при преземањето на дејствијата кај обвинетата Клементина Левковска отсуствува умислата.
Со изведување на доказите, пред сѐ, од листата на докази, застапникот на обвинението, а со помош на нашиот технички советник, вешто лице од областа на Судска медицина, ќе докажеме дека ниту едно дејствие кое го презела обвинетата Клементина не ја предизвикало смртта кон сега починатиот Денис. Ќе докажеме дека таа ниту имала намера да го убие, ниту го сакала тоа, а крајно, ниту реално, можела да го стори тоа, рече Василевски.
Бранителот на Левковска, исто така, посочи дека во текот на постапката ќе докажат дека со тоа што е подигнато обвинение за кривично дело „убиство“, не е извршена правилна квалификација на кривично правниот настан, бидејќи, како што рече, „според правната теорија и пракса, дејствијата кои ги презеле обвинетите евентуално може да бидат обвинети за друго кривично дело, а не за делото кое се обвинети“.
Бранителката на обвинетиот Андреј Костовски, Бранкица Миланова, посочи дека одбраната ќе докаже дека не може да остане правната квалификација која им се става на товар на сега тројцата обвинети, бидејќи, како квалификаторен елемент, и според неа, ја исклучува умислата.
Од сите докази кои ќе бидат изведени како од страна на Јавното обвинителство и од одбраната ќе се уверите како Совет, а верувам дека ќе ја увериме и целата јавност, дека умисла нема, и не само што нема умисла, туку, ваквата поставеност согласно член 22 бара сите тројца обвинети да имаат еднаква цел, заедничка умисла, рече Миланова.
Дополни дека од исказите на сведоците, како што рече, ќе докат дека „целата вечер во дискотеката немало никакви проблеми помеѓу обвинетите, и сега починатиот Денис Тот, за да постои каков било мотив или умисла за сторување на делото“.
Од исказите на сведоците ќе докажеме дека оштетениот беше во видно алкохолизирана состојба, иако тоа, за некое чудо, не е утврдено, и таков податок немаме, не се утврдени промили на алкохол во крвта на оштетениот, рече Миланова.
Обвинетите се согласија со одбраната на нивните бранители и изразија сочувство за починатиот.
Во ниеден случај не сме имале умисла ниту сакале да дојде до нешто такво, ниту јас, а верувам ниту другите обвинети. Она што имам да го кажам ќе го кажам во завршните зборови, изјави обвинетиот Анџело Ѓоргиевски.
Обвинетата Клементина Левковска, исто така, кажа дека никој од нив не сакал да се случи тоа.
Никој од нас не сакал, најмалку јас, да се случи тоа што ни се става на товар, рече Левковска.
Обвинетиот Андреј Костовски се согласи со одбраната и изрази длабоко сочувство.
Судењето продолжи со доказна постапка во која се пристапи кон изложување на докази, испрашување на законскиот застапник на оштетениот, неговиот татко, Игор Тот, и испрашување на сведоци на настанот.
Обвинетите за убиството на хрватскиот ракометар Тот, Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски, на изминатото, прво рочиште пред Судечкиот совет во Основниот Кривичен суд – Скопје, изјавија дека не се чувствуваат виновни за кривичното дело кое им се става на товар.
На првото рочиште од процесот, обвинителката Тања Трајчевска, исто така, го даде воведниот говор на Обвинителството во кој го образложи обвинителниот акт со кој го опиша настанот во кој хрватскиот ракометар беше претепан до смрт.
Трајчевска посочи на листата на докази со кои располага Обвинителство, а помеѓу кои се записник за претрес на дом и други простории, потврди за привремено одземени предмети, со кои што, како што рече, е одземена облеката од оштетениот и дел од облеката на обвинетиот Анџело Ѓорѓиевски.
Основното јавно обвинителство Скопје ги гони обвинетите Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски за кривично дело „убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.
По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрво настанала коматозна состојба, а следниот ден починал, се вели во соопштението од Обвинителство објавено на 21 јули годинава.
Процесот го води судијката Елена Илиевска Јосифовиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.