Пред нас се неколку клучни недели кои што значително ќе ја определат иднината на Македонија во кој правец ќе се движи, бидејќи не се само обични избори и нема да биде клише ако кажам дека овие избори, практично се раскрсница која насока ќе ја земе Македонија во иднината. Јас сум убеден дека тоа ќе биде правилната насока и од она што го гледам во изминатите дванаесет дена низ Македонија е дека навистина има едно големо будење и обединување на граѓаните околу идејата за промени, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од митингот во Дојран, давајќи ветување дека во период кој што следи после изборите и формирањето на владата, ќе има многу напорна и чесна работа.

Мицкоски истакна дека ако направиме една ретроспектива наназад што се случувало кога владата во Македонија ја предводела СДСМ, тогаш ќе дојдеме до елементарен заклучок дека најмногу губела Македонија како држава, граѓаните бидејќи се осиромашувале, се ограбувале и исто така, не помалку важно, губел македонскиот идентитет, набројувајќи примери од осамостојувањето на Македонија до денес.

Мицкоски посочи дека ова го зборува со цел да потсети на важноста на 24 април и на 8 мај, од Дојран, обраќајќи му се на сите граѓани кога ќе ја носат одлуката треба сето ова што се зборува да се има во предвид за да не се повторуваат порази, грабежи, омаловажувања, понижувања и срам кои што секогаш, без исклучок, го носи владата на СДСМ.

Сето тоа што го зборуваат, сето тоа што го зборува Демократската унија за интеграција, сето тоа што го зборува Артан Груби, Али Ахмети, Бујар Османи, верувај те, тоа го зборува јавно затоа што тоа е зборувано тајно со Стево Пендаровски, Зечевиќ, Маричиќ, Димитар Ковачевски и останатите, само што овие се почесни па го кажуваат, а овие чекаат шверцерски да наметнат повторно уште една лага на изборите и да се обидат да го изманипулираат народот и потоа правеа нешто што не го ветуваа. Не понижуваа, не срамеа, не ограбуваа и Македонија е денеска таму каде што е“, рече Мицкоски.

Мицкоски додаде дека за жал, оние чевли кои што ги редеа пред зградата на македонската влада симболизирајќи го иселувањето на македонските граѓани, сопствениците на тие чевли никогаш не дојдоа, ама бројот на тие чевли се зголеми за десет пати кои што ги чекаат сопствениците кои што заминаа од Македонија изминативе шест и половина година.

Како професор на факултетот можам да ви кажам дека осум од десет мои студенти, веднаш по дипломирањето кога ќе ги прашате каква е вашата иднина, кој е вашиот план, што планирате да правите, сите велат бегаме што подалеку од овде. И не само затоа што економска е причината, бидејќи како инженери имаат релативно примамлива почетна плата, туку повеќе затоа што чувствуваат фрустрации бидејќи некои граѓани се привилегирани и се граѓани од прв ред, а тие се чувствуваат граѓани од втор ред. Во некои делови од Македонија законите важат, а во некои делови од Македонија законите не важат“, истакна меѓу другото Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.