Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, денеска одржа средба со заменикот министер за образование и наука Лулзим Алиу, претставници на Центарот за стручно образование и наука, директори на општински средни стручни училишта, претставници на меѓународни организации, институции, приватни компании на тема унапредување на средното стручно образование, организирано од ресорното министерство.

На средбата, Димитриевски имаше свое обраќање, а беа споделени и информации кои се во интерес на подобрување на средното стручно образование, со единствена цел да се креира квалификуван и стручен кадар, кој ќе одговори на потребите на пазарот на труд, но ќе ја зголеми и вработливоста на младите.

Најпрво сакам да ја поздравам оваа иницијатива на ресорното министерство за образование и наука, да им посакам добродојде во Куманово. Денеска ќе разговараме на една од главните теми, а тоа е едукативниот процес на младите луѓе и стручното образование кое што во општина Куманово се одвива во повеќе средни училишта, едно од нив е земјоделското училиште, кое го доби статусот на државно училиште додека техничкото и поранешно економско училиште се уште се под надлежност на општина Куманово. Ние во рамки на нашите можности ги унапредуваме условите за учење во овие објекти и успеавме во изминатиот период да направиме реконструкција на поголем број од овие средни училишта, вклучувајќи ја и гимназијата „Гоце Делчев“ и дополнително секако ќе постапуваме согласно програмите кои што доаѓаат од ресорното министерство. Имаат за цел да произведат стручни кадри кои што веднаш потоа би биле работно ангажирани во некои од капацитетите на нашиот град, а како што знаете во подем е техничката струка. Веќе имаме реализирано една инвестиција од страна на странска компанија Дрекстел Мајер, дополнително до крајот на годината изградба на уште еден таков капацитет, со можност до следната година за вработување на околу дополнителни 2000 луѓе. За тие капацитети ќе треба да се произведе стручен кадар дополнително и она што значат најактуелните струки во делот на медицината и техничките науки , дополнително она што подразбира занаетчиството, дел од струките коишто се изучуваат во средното економско училиште „Перо Наков“ и апсолутно таму каде што е главната стратегија на државата т.е земјоделието да ги следиме и тие трендови.

Јас очекувам покрај овие теми денеска да отвориме и една реална и објективна тема, а тоа се реалните потреби на училиштата и што капиталните инвестиции значат за нашата општина, бидејќи како што знаете капиталните инвестиции во делот на образованието се под надлежност директно на министерството. Лично очекувам јас, а и голем број на колеги од здружението на единиците на локална самоуправа во ЗЕЛС децентрализација на ваквите средства како би можеле што помасовно да ги користиме и едно од најпроблематичните теми во делот на образованието, тоа е изградба на нов училишен објект на гимназијата „Сами Фрашери“ и паралелките на албански наставен јазик во техничкото училиште. Значи да разговараме и за програмата и за унапредување на програмата, имплементација на програмата, но да разговараме и за реалните проблеми и ефектот на економската т.е енергетската криза и по однос на високите сметки кои што се реалност за одржување на процесот за образование и бидејќи се соочуваме со сериозни проблеми и доколку продолжи овој тренд, а не се покачат блог дотациите, најголем дел од училиштата ќе се соочат со сериозни финансиски проблеми во делот на плаќање на зависните трошоци. Ако зборуваме за пренесени надложности како што е сегментот на образованието, тогаш државата има обврска да трансферира средства за да можат да бидат платени сите трошоци во делот на образовниот процес, истакна Димитриевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.