Чудно, но вистинито-Република Македонија со ништо не се потруди да го спомене, уште помалку да го одбележи денешниот ден 23 Август, Денот на сеќавање на жртвите на нацизмот и комунизмот, двата тоталитарни системи кои оставија крвави траги врз целото човештво во 20 век, прашува новинарот Предраг Димитровски во својата анализа на „Пресинг ТВ“
Забревтана да го исполни ветувањето за уставни промени, власта денеска ја промовира новата кампања „Ние сме Европа“ и „ја открива Америка“.
Во претстојното миење мозоци како да треба да заборавиме дека Република Македонија до сега не била дел на континентот Европа, туку била таму некаде џенем, на Западен Балкан, кој нели географски не е и не бил дел од Европа-пишива Димитровски.
Па, како да не се слуша гласот на поранешниот претседател Киро Глигоров, кој некаде во 90-тите години на минатиот век ја молеше Европската Унија со познатата реченица-„Не не ставајте во Западен Балкан“. Ама, кој тогаш знаел или предвидувал, што се ќе треба да направи Република Македонија за да стигне до почеток на преговори за членство во ЕУ, иако и дотогаш имаше направено многу.
Само за потсетување, во септември 2008 година, Европскиот праламент го прогласи 23 август за Европски ден на сеќавање на жртвите на сталинизмот и нацизмот, со што се поистоветија двата најкрвави тоталитарни системи во историјата на човештвото. Според некои проценки, вкупниот број на жртвите на комунизмот во светот се движи околу 100 милиони луѓе, додека жртвите на германскиот националсоцијализам и италијанскиот фашизам се проценуваат на 9 до 10 милиони лица, се разбира без жртвите од Втората светска војна.
А, поводот за одлуката на Европскиот праламент дојде од Чешка. На 3 јуни 2008 година во Прага е донесена Прашката декларација за европската совест и комунизмот, со која тогашниот чешки претседател Вацлав Хавел, пратеници во Европскиот парламент и во Парламентот на Чешка, историчари, политички затвореници, научници, писатели и дисиденти повикуваат за меѓународна осуда на злосторствата на комунизмот и нивно изедначување со злосторствата на нацизмот.
Тие предлагаат 23 август да биде Ден на сеќавање на жртвите на нацистичкиот и комунистичкиот тоталитарен режим. И датумот не е избран случајно, зашто токму на 23 август 1939 година, во Москва, тогашните Германија и СССР го склучуваат договорот за ненапаѓање, познат во историјата како Договорот Молотов-Рибентроп, што сега, според новото читање на историјата, се толкува како договор меѓу Хитлер и Сталин за подготвување на Втората светска војна, која започна на 1 септември 1939 година, со нападот на Германија и СССР врз Полска.
И каде во целава приказна се наоѓа Република Македонија? Никаде! Изгубена во сопствената немоќ да расчисти со сопственото минато и на слепо, под притисок на Бугарија, што го прифати и целата ЕУ, да ја ревидира својата историја, иако била на вистинската страна, на страната на антифашизмот, а истовремено да не расчисти целосно ни со комунизмот.
Ова дотолку повеќе што барем ментално токму наследниците на комунизмот сега се поголеми комунисти од самите предвоени, воени и повоени комунисти! Па, на таа чисто идеолошка ја надоврзуваат и националната, македонска, матрица со што стануваат поголеми Бугари од самите Бугари!
Што се однесува до жртвите, што ги дала Република Македонија во борбата против наци-фашизмот, тие се 24.000. Но, никој не се потрудил точно да ги изброи жртвите на комунизмот. Не дека ги немало, ги имало и тоа како. Само што сега насилно наметнатата дилема е дали тие биле Македонци или македонски Бугари!? Чисто безумие!
Важно, „Ние сме Европа“! А, од кога? Е, тоа не е важно!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.