Поранешниот вработен во обезбедувањето во Собранието, Абдуљфета Алими, кој беше осуден за настаните од „27 април“, по поминати шест години во затвор, денеска излезе на слобода, потврди за МИА директорот КПД „Идризово“ Зоран Јовановски.
Веста на својот фејсбук профил со видео – стрим ја потврди и поранешниот пратеник и екс претседател на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, кој беше меѓу групата од повеќе лица кои го пречекаа Алими.
Села изјави дека го смета Алими за брат, бидејќи во настаните во Собранието на 27 април му го спасил животот.
Тој беше правосилно осуден на 6 години затвор за настаните од 27 април 2017 година затоа што му ги дал клучевите од собраниските врати на Горан Ѓошевски (началник на личното обезбедување на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски). Алими, на судењата, тврдеше дека само постапувал по наредба на надредените и дека во моментот кога му ги дал клучевите на Ѓошевски, едната собраниска врата веќе била отворена.
За настаните во Собранието беа обвинети 33 лица, кои се гонеа за терористичко загрозување на уставниот поредок. Од нив 15 беа амнестирани со Законот за амнестија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.