Итно усвојување на стратегијата за родова еднаквост, донесување на Закон за родова еднаквост, воведување функционални инспекциски служби кои спречуваат експлоатација и дискриминација на работничките и постапување со должно внимание со жртвите на родово базирано насилство од страна на институциите побараа денеска активистките за женските права кои попладнево маршираа во Скопје, по повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март.

Маршот беше организиран од Платформата за родова еднаквост и активистките за женски права, оваа година под слоганот „Сиромаштијата има женско лице“.

Според Бојaна Јовановска од Платформа за родова еднаквост, овој 8 Март го одбележува женската сиромаштија, овозможена и одржувана од системот, а продлабочена како резултат од двегодишната пандемија на Ковид-19 и нејзините последици.

Жените беа и се уште се во првите редови во давање одговор на кризата како здравствени работнички и негувателки во домот, наставнички, хигиеничарки, продавачки. Но, истовремено претставуваат и најголем дел од работниците кои беа и се најмногу изложени на вирусот Ковид -19, но и на негативните социјални и економски последици кои тој ги предизвика. Иако сочинуваат половина од населението, жените во Македонија не учествуваат подеднакво во носењето на одлуки, посочи Јовановска на денешниот марш.

Отсуството на политики, стратешки документи и механизми кои го поддржуваат унапредувањето на родовата еднаквост и правата на жените, според Јовановска, значи дека институциите дозволуваат системска дискриминација и насилство.

Собранието, како што напомена, е единственото место каде преку родовата квота, застапеноста на жените бележи зголемување, но, како што посочи, со распуштање на Собранието пред пандемијата придонесе жените да бидат отсутни од процесите на носење одлуки и родово сензитивни мерки за справување со кризата.

Според Јованоска, локалните избори беа уште еден пораз за жените кои во наредните четири години повторно ќе бидат исклучени од процесите на донесување на одлуки на локално ниво.

Денеска, како што појасни, протестираат за сите текстилни работнички кои останаа без работа, за жените од руралните средини кои останаа без јавен транспорт и пристап до здравствени услуги, за жените со попреченост кои дополнителната непристапност ги направи уште поневидливи. За жените Ромки кои останаа без и онака ниско платена работа, за жените кои немаат пристап за репродуктивно здравје кои ги води кон уште поголема сиромаштија.

Денес го креваме гласот на сите жени кои ја вршат неплатената домашна работа, за економските зависните и загрозени жени кои не можат да си обезбедат прехранбени продукти, за жените кои немаат ништо на свое име, за жените кои еднакво учествуваат во плаќање на даноци, но не можат да си дозволат основни средства за одржување на менструална хигиена, додаде Јовановска.

Исто така, како што рече, протестираат за жените кои доживуваат насилство во своите домови, на улиците и во онлајн просторот. За жените жртви на насилство по чии пријави не се постапуваше, за самохраните мајки кои беа принудени да ги напуштат своите работни места заради затворање на градинките и училиштата, за жените сопственички на мали бизниси кои беа принудени истите да ги затворат, за преморените здравствени работнички, за сите жени кои ги загубија своите животи во битката со Ковид -19 заради недостиг на здравствени услуги.

Од Платформата за родова еднаквост бараат усвојување на ефективни политики и мерки за справување со последиците од Ковид -19 кои ќе вклучат родова перспектива и ќе ги земат предвид потребите на различни категории на маргинализирани и ранливи жени.

Бараат и зголемено учество на жените во работните групи кои ги подготвуваат и спроведуваат мерките за одговор на состојбата со Ковид -19 и економската криза. Бараат буџет и економски политики за луѓе, а не за бизниси и партии.

Бараат функциониални инспекциски служби кои спречуваат експлоатација и дискриминација на работничките, поголемо учество на жените на позициите на носење одлуки преку воведување квоти кои предвидуваат најмалку 40 проценти учество на жените за секое ниво на власт.

Бараме итно усвојување на стратегијата за родова еднаквост и донесување на Закон за родова еднаквост. Бараме итно усвојување на новиот Закон за работни односи кој предвидува заштита за работничките кои работат со договори на определено време, без формални договори за вработување, самовработените жени и жените кои вршат неплатена работа. Бараме закон кој предвидува мајчинско, татковско и родителско отсуство, како и право на флексибилен работен ангажман поради обврски за рана грижа за деца и други лица, рече Јовановска.

Од Платформата бараат итно донесување на Законот за мобинг, но и креирање и имплементација на нови мерки за вработување кои им се достапни и ги земаат предвид спецификите на сите маргинализирани групи на жени, особено Ромките, жените со попреченост, жените жртви на насилство, како и самохраните мајки.

Бараме итно усогласување на политиките и законите со Истанбулската конвенција и Резолуцијата 1325. Бараме итно усвојување на амандманите на Кривичниот законик и негова хармонизација со Истанбулската конвенција и сеопфатна заштита на жените од насилство. Бараме институциите конечно да постапуваат со должно вниманир со жртвите на родово базирано насилство, додаде Јовановска.

Овој 8 Март, како што рече, протестираат против системски овозможената сиромаштија која има женско лице.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.