Австриската министерка за Европа, Каролине Едштадлер, денеска изјави дека нејзината земја се залага за интеграција на земјите-кандидати во Европската унија во фази, така што дури и пред формалното членство ќе им биде дозволено „да седнат на масата на ЕУ“ и да учествуваат во дијалог, иако без право на глас.
Во интервју за австриското државно радио, Едштадлер рече дека сега е вистинско време за ваква промена во процесот на проширување на ЕУ. Таа потсети дека таа и шефот на австриската дипломатија Александар Шаленберг и претходно искажувале таква идеја, но оценила дека сега е време да се спроведе.
Живееме во многу предизвикувачко време, доживуваме војна на европско тло. Кога, ако не сега, е моментот да се реформира процесот на проширување на Унијата. Време е за големи идеи и да се разбере дека населението мора да биде дел од него, рече Едштадлер.
Целта на европската интеграција, нагласи таа, останува полноправно членство, но тоа е долг пат полн со „болни реформи“.
Не можеме да очекуваме тоа да се случи преку ноќ, рече министерката, оценувајќи дека постепената интеграција ќе биде и награда за напорната работа што треба да ја направат земјите кандидати.
Постепената интеграција на земјите кандидати, вклучително и Молдавија и Украина, ќе ги натера да се чувствуваат дека веќе учествуваат во креирањето на европската политика, иако се уште немаат право на глас, рече Едштадлер.
Запрашана како тоа може да изгледа во пракса, таа рече дека преговорите со ЕУ се строго формален процес кој се одвива во кластери.
Кога една земја затвора кластер, на пример во областа на науката или образованието, треба да ѝ се дозволи да учествува во дискусии на таа тема во ЕУ, објасни Едштадлер.
Таа додаде дека според нејзиното искуство, во 2020 и 2021 година, малкумина лидери на ЕУ навистина го поддржаа проширувањето, но дека денес тоа е „здраворазумска работа“ за повеќето поради зголеменото влијание на Русија и Кина
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.