Матичните лекари од приватното здравство во понеделник од 12 до 16 часот нема да работат во знак на револт, откако вчера нивни колега беше пронајден мртов со убодни рани на паркингот пред поликлиниката Железара, изјави за МИА претседателката на Здружението на приватни матични доктори, Лилија Чолакова Дервишова.

Згрозени сме од ваквиот грозоморен чин. Се работи за наш колега и професионалец кој целиот живот го има посветено на работата. Што треба да значи ова, дека треба да се плашиме дали некој кој не е задоволен од некоја причина од нашата работа и после работно време може да посегне по нашиот живот. Ние ќе го изразиме нашиот револт и во понеделник од 12 до 16 часот нема да работиме, вели Чолакова — Дервишова.

Истакна дека неопходно е да се донесе Закон за докторска дејност со кој точно ќе се дефинираат условите, правата и должностите на лекарите.

Го повикувам Министерството за здравство што поскоро да се донесе Законот за докторска дејност со кој ќе се заштити работата на лекарите. Ние сме навистина револтирани и згрозени од ваквиот чин, рече Чолакова — Дервишова.

Од Министерството за здравство за МИА информираа дека докторот не бил вработен во поликлиниката Железара, туку во приватна ординација издадена под концесија.

Министерството за внатрешни работи информираше дека 67-годишниот лекар со убодни рани е пронајден на паркингот пред поликлиниката Железара. Според пријавеното, го нашле неговите синови, кои почнале да го бараат откако не се вратил дома од работа.

На 21.03.2024 во 23:09 часот во СВР Скопје било пријавено дека во сопственото возило „киа“ со скопски регистарски ознаки, на паркинг пред поранешната клиника Железара, со убодни рани по телото бил пронајден А.Т.(67) од Скопје. Според пријавеното, тој бил пронајден од неговите синови, кои почнале да го бараат откако не се вратил дома од работа. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, се вели во соопштението од МВР.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.