По осумдневни маневри успешно заврши тактичката вежба „Блесок 22“ каде околу 1.100 армиски припадници вежбаа според фиктивно сценарио со креирани настани и инциденти што овозможи лесниот пешадиски баталјон, кој е во составот на Првата пешадиска бригада да се оцени согласно НАТО стандардите, вели Министерството за одбрана.

– Армијата на Македонија на дело покажа дека е способна и мотивирана. Дека функционира според највисоките НАТО стандарди. Лесниот пешадиски баталјон е првата поголема единица која беше оценувана според стандардите за оценување на борбена подготвеност на НАТО, по членството на државата во Алијансата. Можеме да одиме со исправена глава, зашто покажавме дека сме на одличен пат да ги исполниме сите зацртани НАТО цели на способности – рече министерката за одбрана Славјанка Петровска.

Петровска кажа дека оваа вежба е важна и затоа што оценувањето беше вршено од домашен набљудувачки тим, под супервизија на набљудувачи од НАТО. Во тимот 85 отсто се сертифицирани НАТО набљудувачи, што го надминува НАТО стандардот од 50 отсто.

Вежбата „Блесок 22“ е национална теренска вежба која се реализираше од 3 до 11 април на армискиот полигон „Криволак“, кампот за обука „Пепелиште“, касарната „Јане Сандански“ во Штип и касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.