Започнува пријавувањето за стипендиите „Борис Трајковски“ за двегодишни вонредни постдипломски студии. Стипендиите што заедно ги нудат Европскиот Кампус на Универзитетот Јорк, СИТИ Колеџ, Министерството за образование и наука, Претседателот на Република Македонија и Фондацијата Борис Трајковски ќе овозможат 20 студенти да студираат според Пан-европската извршна МБА програма.

Конкурсот за пријавување за стипендиите за студии од втор циклус за академската 2024/2025 година е отворен до 13 септември, до кога заинтересираните ќе можат да аплицираат на една од шесте достапни специјализации – МБА по Општ менаџмент, МБА во Маркетинг, МБА во Финансии, МБА во Логистика и менаџмент, МБА во Управување во здравство и МБА во Управување со човечки ресурси.

Со добивање стипендија, кандидатите ќе студираат според Пан-европската извршна МБА програма која претставува меѓународна програма дизајнирана за сите кои сакаат да ги подобрат своите вештини и знаења за професионален, кариерен и личен развој. Овозможува и вистинско меѓународно искуство и вмрежување, преку три студиски
патувања – во Јорк (Велика Британија), во Стразбур (Франција) и во Солун (Грција). Програмата ја предаваат истакнати професори и меѓународни академици од Европскиот кампус на Универзитетот Јорк, СИТИ Колеџ, од Универзитетот Јорк, од Универзитетот во Стразбур, како и други добро признати универзитети ширум светот и експерти од индустријата со значително професионално искуство.

Пан-европската МБА програма е дел од ексклузивната група од само 300 ЕМБА програми и образовни институции на глобално ниво акредитирани од престижната AMBA. Исто така, Пан-европската МБА програма е акредитирана од Институтот за менаџмент од Велика Британија (CMI), а се нуди во 8 различни градови низ регионот. Вклучува заедница од приближно 4000 студенти и досегашни дипломци што ја потврдува нејзината огромна академската вредност.

Покрај врвното образование, стипендистите ќе имаат можност да се стекнат и со двојна диплома, од Универзитетот Јорк и од Факултетот за економија и менаџмент на Универзитетот во Стразбур. И двете образовни институции што ја доделуваат двојната диплома се високо истакнати и рангирани во научниот свет, Универзитетот Јорк е врвен британски универзитет рангиран и Универзитетот во Стразбур претставува престижен француски универзитет од каде имаат произлезено 18 научници наградени со Нобелова награда.

СИТИ Колеџ, Европскиот кампус на Универзитетот Јорк има статус на Меѓународен кампус на Универзитетот Јорк, водечка британска академска институција, член на престижната Russel група, светски признат по својата истражувачка работа и рангиран на 147мото место во светот според Times Higher Education 2024. СИТИ Колеџ, Европскиот кампус е лоциран во Солун, Грција, а неговата академска мрежа е воспоставена и распространета во уште 8 земји низ целиот регион со што претставува уникатна меѓународна институција која ги поврзува академските, истражувачките, националните и корпоративните мрежи низ целиот регион.

Заинтересираните кандидати за стекнување стипендија „Борис Трајковски“ можат да конкурираат преку следниот линк.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.