На церемонија со највисоки државни и воени почести претседателот Стево Пендаровски денеска го пречека претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.

Претседателот Пендаровски и претседателот Штајнмајер одржаа тет-а-тет средба, по што следуваше пленарен состанок на двете делегации. Во фокусот на разговорите се севкупните билатерални односи меѓу Македонија и Германија, партнерството во НАТО Алијансата и војната во Украина, текот на пристапните преговори и европската перспектива на Македонија, како и можностите за јакнење на економската соработка и ублажување на последиците од енергетската криза.

Претседателот Пендаровски истакна дека посетата од страна на германскиот претседател во услови на променета геополитика, безбедносни закани и енергетски предизвици на европскиот континент, e потврда на нашето пријателство и цврстата подготвеност на Германија за поддршка на нашиот регион. Тој посочи дека Македонија високо ја цени посветеноста на Германија во процесот на европската интеграција на Македонија, развојот и реформската агенда, и особено нејзината конструктивна улога во Берлинскиот процес.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.