Наместо да седиме шокирани и тивко да тагуваме и коментираме на социјалните мрежи на време да реагираме и да дејствуваме со конкретни превентивни мерки и акции, посочи денеска на 16-тиот Конгрес на Либерално-демократската младина, претседателката на ЛДП и пратеничка, Моника Зајкова.

– Изразувам најдлабоко сочувство до семејствата и блиските  на убиените лица и ги осудам крвавите масакри во Србија. Оваа спирала на насилство извршена од млади лица мора да го вклучи црвениот аларм и кај нас и потребно е преземање на итни и ефикасни превентивни мерки за да се спречи врсничкото насилство, грозоморните слики од убиени и повредени, истакна таа.

Зајкова додава дека  Либерално-демократската партија има низа предлози кои ќе ги достави и до Владата.

Иницијативите се однесуваат  на најостра контрола на издавањето и поседувањето на огнено оружје, проверка кој се поседува оружје, контрола и забрана малолетни лица да вежбаат во стрелишта и казни за родителите кои ги мотивираат децата да ракуваат со вакви убиствени направи.

Министерство за правда да ја разгледа состојбата и предложи заострување на казнената политика со намалување на возраста за кривична одговорност согласно европското законодавство и практики, како и поголема контрола во училиштата и ангажирање на психолози и педагози за превенирање на булингот во образовниот процес.

-Особено е потребна е забрана на „Тик-ток“ како и останатите социјални мрежи кои поттикнуваат насилство бидејќи и во нашата земја сведочевме на жртви од користењето на овие мрежи.

Забрана и контрола на симнување на игри, содржини и апликации кои експлицитно покажуваат и поттикнуваат насилство. Исто така, преглед и контрола на филмови кои можат особено кај помладите луѓе да поттикнат насилство, манипулативно да бидат употребени во пропагандистички цели со величење на насилството.

Да напоменам дека ова нема да значи цензура на уметноста. Имаме примери европа – Франција формираше Комисија за категоризација на филмови, која годишно прегледува околу 600 филмови, и проценува дали содржината на филмот, па дури и анимираните филмови, не се штетни за децата и не поттикнуваат насилство кај децата, заклучи Зајкова.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.